Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека Москва ги смета за провокација обвинувањата на проектот ОССРП во кои се тврди дека Русија се мешала во внатрешните работи на Македонија.
„Тоа не е ништо друго, освен уште еден слаб обид да се префрли одговорноста за ескалација на длабоката криза во македонската држава. Измислените обвинувања на сметка на руските интереси доаѓаат од организации чии главни спонзори се државните структури на САД и Фондацијата на Џорџ Сорос“, се вели во реакцијата на руското МНР.
Според нив, ОССРП во текстот премолчува дека сериозно заострување на ситуацијата во земјава всушност правел „притисокот на Брисел и Вашингтон без преседан на легитимната влада на Македонија“.
„Целта е да се наметне решение кое е спротивно на националните интереси на државата, а Западот одбива да ја осуди „тиранската платформа“, која е „манифестација на големоалбанската идеологија“, се вели во нивното соопштение.
ОССРП, НОВАТВ и КРИК објавија дека руски шпиони и дипломати наводно биле вмешани во обид за ширење пропаганда и предизвикување немири во Македонија повеќе години.