Белата куќа може да ни позавиди на раскошот: Трамп, земи си го Груевски како консултант за реновирање!

by fokus

Пишува: Вики Клинчарова

Раскошот во владината зграда каде што новинарите вчера имаат можност да влезат и да направат ексклузивни фотографии, ја остави јавноста во неверување.

Барконата зграда изобилува со луксуз, рачно изработен мебел од махагони и кожа, лустери со кристали, мермерни подови со уникатни дизајни, несвојствени за земја во која повеќето граѓани работат за околу 12.000 денари месечно и се спасуваат детски животи со донации.

Дизајнираните мермерни подови се едни од најскапите во светот, и во зависност од комплексноста на изработката нивните цени се движат од 2.000 па се до 10.000 евра за метар квадратен, а најпознатите изведувачи на овој луксуз се компании од Италија.

Иако на јавноста не и е познато кој бил дизајнерот и изведувачот на подовите во зградата на Илинденска 2, сепак она што е впечатливо е дека дури и во Белата куќа во Вашингтон, во која што наскоро ќе се всели претседателот Доналд Трамп, повеќето подови се прекриени со теписи, или пак со мермерни плочки во две бои.

Белата куќа, која што експертите ја проценуваат на околу 300 милиони долари, и која има 132 соби, 35 бањи, 6 нивоа, 412 врати, 147 прозорци, 28 камини и три лифта, судејќи според уредувањето на внатрешноста, е далеку поскромна од нашата владина зграда.

Единствениот мермерен дизајниран под се наоѓа на приземје, во дипломатската соба за прием, во влезниот хол подот е прекриен со мермерни плочки во две бои, додека во останатите соби има паркет и ламинат, прекриен со теписи во разни бои.

Така на пример во сината соба има тепих со сини шари, во црвената со црвени, во жолтата овална соба – со жолти шари.

Подот во овалната канцеларија е од паркет во две нијанси, прекриен со тепих на кој што е исткаен американскиот грб. Во истата канцеларија, се наоѓа дрвено биро, скромни дрвени столици, клуб масичка и два кадифени двоседи. Лустерите од кристал се далеку помали и поскромни од нашите.

Во тоалетите сместени до овалната канцеларија има бели порцелански ве – це школки, а чешмите се во златна боја. За тоалетите во нашата владина зграда се шпекулираше дека се опремени со ве – це школки во златна боја, со златни скулптури на лавови покрај нив, но сепак нема официјална потврда за овие информации.

За разлика од Белата куќа, нашата владина зграда е далеку помала, но за нејзиниот ентериер владата на Никола Груевски одвои околу 5,2 милиони евра. Надворешната ограда изнесува дополнителни 700.000 евра, а пак фасадата и реновирањето како дел од проектот ,,Скопје 2014” плус уште 16 милиони евра.

На социјалните мрежи веќе се постираат критики за старата влада и нејзиното трошење на народни пари за лажен барок и непотребен луксуз.

Многумина го спомнуваат и американскиот претседател Трамп, познат како љубител на претераниот раскош, кој што се споредува со кич, да го ангажира Груевски како консултант, доколку планира да реновира и прави измени пред вселувањето во Белата куќа.

Во прилог, фотографии од внатрешноста на Белата куќа

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости