Само што помина одлуката Русија да биде искучена од Советот за Европа. Оваа информација за Фокус ја потврди Александар Николоски, кој заедно со Дарко Каевски и Арта Биљали-Зендели членуваат во Парламентарното Собрание на СЕ.
Николоски вчера изјави дека очекува да се усвои заедничка позиција со која, како што посочува, ќе се побара активирање на членот 8 од Статутот на Совет на Европа, според кој, доколку Русија самата не истапи од членство, ќе биде исклучена.
–Исклучувањето на Русија е голем удар за неа и силна порака на останатите земји-членки дека воената агресија е најлошото нешто што може една држава да го направи. Никакви изговори и оправдувања не може да оправдаат војна – вели Николоски.
Тој додава дека Советот на Европа е основан во 1949 година на урнатините на Втората светска војна, со цел, нагласува Николоски, на Европскиот континент да овозможи соработка и основно почитување на човековите, јазичните и малцинските права, а страдањата од војната никогаш да не се повторат.
–Советот на Европа е толку значаен, што исклучувањето од членство може да се спореди само со иклучување од членство во Обединетите нации – објаснува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој воедно е и потпретседател на групата на Европската Народна Партија во Парламентарното Собрание на Совет на Европа.