Јавноста ќе има увид во списокот на вработени во Министерствата и во планот за јавни набавки. Министерствата треба во рок од 15 дена на своите веб-страници да објават листа на 21 документ со цел поголема транспарентност и отчетност на државните органи пред граѓаните, соопшти денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
– Анализите спроведени во 2016 година покажуваат дека во поглед на отвореноста на извршната власт во регионот, Македонија се наоѓа на последното место со исполнување на само 36 проценти од индикаторите во истражувањата. Имајќи ја предвид целта на Владата за транспарентност и отчетност во своето работење, се наметна потребата веднаш да се преземат конкретни мерки за да се подобри оваа ситуација, истакна министерот Манчевски.
Предложениот сет на документи што треба јавно да се објават се унифицирани и важат за сите министерства со исклучок на Министерството за одбрана и МВР кои нема да ги објавуваат плановите за јавни набавки, Правилникот за внатрешна организација, Правилникот за систематизацијата на работните места и списокот на вработените.
– Отвореноста на институциите претставува клучен услов за демократијата. На овој начин на граѓаните им се овозможува да добиваат информации кои им се неопходни за еднакво учество во политичкиот живот, учество во донесувањето на одлуките и барање на одговорност од институциите. Исто така, ќе овозможи на сите заинтересирани страни вклучително и на медиумите непречено да вршат реална и навремена анализа на работата на институциите, рече Манчевски.
Обврската за објава на листата на документи објавена на веб-страниците на министерствата подразбира и нивно редовно ажурирање.
Меѓу документите кои ќе бидат објавувани на веб страната на министерствата ќе бидат: стратешкиот план, буџетот, ревизорски извештаи, планот за јавни набавки, правилникот за внатрешна организација, правилник за систематизација на работните места, список на лица вработени во институцијата со позиција, службен е-маил и службен телефон и листа на информации од јавен карактер.