Ротари Клуб Кавадарци собираат прехрамбени продукти за социјално загрозените семејства: Секој заслужува пристојна Велигденска трпеза!

by Fokus
По повод Велигденските празници, во тек на вчерашниот ден и денес во Кавадарци е во тек акција за помош на граѓаните од социјално ранливите категории.

Иницијатор на хуманитарниот настан е Ротари Клуб од Кавадарци, во соработка со Ротаракт Клуб, кои со цел да се обезбеди пристојна Велигденска трпеза за секое семејство, поставиле големи корпи пред поголемите маркети во градот.

Граѓаните кои сакаат да помогнат, можат да остават прехрамбени продукти во нив, кои подоцна ќе бидат распределени кај социјално загрозените семејства, во соработка со Центар за социјални грижи Кавадарци.

Од клубот порачуваат како се надеваат дека акцијата ќе прерасне во традиција, додека пак кавадарчани ја поздравуваат идејата.

-Ова е одличен начин да се помогне, бидејќи поголемиот број на граѓани пазарат во маркетите за време на викенд. Многу е полесно кога продуктите кои сакаат да ги донираат можат веднаш да ги остават во корпите, наместо да треба да се организираат и да ги носат во некоја хуманитарна организација. Вака, речиси секој кој е во можност, а се нашол во некој од маркетите за време на викендот, ќе одвои некој денар и ќе помогне – велат жители на градот, кои се вклучиле во акцијата.

По завршувањето на акцијата, донираните продукти ќе бидат сортирани во пакети и доставени до семејствата, а Ротари Клубот ќе се вклучел и со своја донација, со цел да се опфатат повеќе семејства.

Вики Клинчарова

Поврзани новости