Родителите на лицата кои се борат со канцер, тивки херои со лавовски срца!

by Фокус

Во тек на вчерашниот ден во Скопје, но и во повеќе градови во земјава, храбрите борки ја направија традиционалната Розова прошетка, во знак на поддршка на сите кои се борат со рак на дојка. Настанот ,,Race for the cure” во рамки на Националната кампања за борба против рак на дојка беше прифатен и поддржан од илјадници жени ширум земјава кои се избориле, или пак се уште трае нивната битка со подмолната болест, но и нивни роднини и пријатели.

Помеѓу присутните на настанот во Битола беше и кавадарчанката Мери Парчева, голем борец и координатор на борките во Кавадарци, заедно со своите родители, Донка и Илија. Тие, гордо застанаа покрај својата ќерка, а фотографијата на која родителите исправено стојат покрај своето чедо и му ја даваат својата безусловна и неизмерна поддршка, ги преплави социјалните мрежи.

Кога детето ти се бори со тешка дијагноза, како што е канцерот, родителите се тие на чиј грб паѓа целата тежина на играта на судбината. И не само родителите на Мери, стотици родители на останати пациенти со крената глава вчера, а и секој еден ден покажаа дека стојат покрај своите деца, но и како и родителите се имаат меѓусебно, да се утешат едни со други, и да ја пренесат пораката дека не се сами во битката.

Дека да се минува низ еден долг период полн со стравови, неизвесност, секојдневна битка за живот, е незамисливо тешко без поддршка од семејството, за ,,Фокус” раскажува и Мери. Таа вели дека и покрај тоа што веќе има 45 години, подадената рака од родителите нема цена, ниту пак замена.

-Пред околу 13 години започна мојата битка со ракот на дојка. Бев млада мајка, синот Никола имаше само десет месеци кога ја дознав дијагнозата. Во тој период, моите родители беа во странство, кај брат ми. Решив да ги поштедам, не им кажав ништо, бидејќи претпоставував како ќе реагираат, па заминав на операција без нивно знаење. Нештата не одеа како што беше планирано, набргу ми беше потребна втора операција, беше тоа моментот кога веќе и тие дознаа низ што минувам. Веднаш се вратија назад, тоа беа тешки моменти на шок и неверување, посебно затоа што бев доста млада, имав само 31 година. Од тој момент, тие се покрај мене, рамо до рамо со мене во сите битки кои следеа, а не беа воопшто лесни – раскажува Парчева, за која двете операции и хемотерапијата пред 13 години не значеле крај на голготата.

По четири години, животот ја ставил на ново искушение. Нова дијагноза, тумор на мозокот, голем четири сантиметри. Болнички ходници, испитувања, операции, третмани, неизвесност, но и голема желба да се излезе како победник.

-Секој чекор на патот кој го минав, родителите беа покрај мене. Ми беше потребна помош, како емотивна поддршка, така и физичка помош, но и она кое можеби е најклучно во тие моменти, финансиската помош. Брат ми кој живее со семејството во странство веднаш притрча, смирен, сконцентриран, ми покажа дека е тука за мене. Тоа е доста охрабрувачки, со оглед на се низ што минував, да знаеш дека имаш на кого да се потпреш, дека не си сам. Во меѓувреме, јас останав и самохран родител. Среќа што ги имав родителите, блиските луѓе околу мене, пријателите… Да не беа тие, ќе немаше кој да ме носи на зрачење и на терапии секој ден, на раце ме носеа, ме креваа, негуваа… Мојата благодарност за нив не може да се опише – појаснува Мери.

Таа додава дека голготата со болеста е нешто кое засекогаш го одбележало нејзиниот живот. Пред две години, туморот на мозокот повторно се вратил, овојпат со големина од девет сантиметри, а последиците од таа битка за живот ја оставиле инвалид. Сега користи количка за движење, неопходна и е секојдневна помош и асистенција. Но, силниот дух и ставот дека животот е убав и вреден за живеење, не ја оставаат.

-Слабост во ниту еден момент не дадов. Мојата мисија е да бидам позитивна, со тоа им влевам сила и на моите родители, на кои знам дека воопшто не им е лесно. Сметам дека е потребно да се оформат групи за поддршка на родителите на пациентите кои имаат канцер, групи за поддршка на деца чии родители се борат или пак ја изгубиле битката. Да се знае дека овие луѓе не се сами, се имаат меѓусебно, споени со истата болка, водени од истите стравови, и со иста желба, се да биде добро на крајот. Мајката на школско другарче на син ми ја изгуби битката со ракот, во тие моменти, децата така си пружија поддршка, така се сплотија, покажаа една невидена емпатија. Без луѓе не се може ниту во добро, а уште помалку во лошо. Мајка ми има 72, а татко ми 77 години. Знам дека не е лесно, но ние така функционираме сега, со позитивна енергија дома, се трудиме да гледаме напред, меѓусебно си помагаме. Со помош на количката можам да завршам повеќе работи, се трудам да не зависам во голема мера од нивната нега. Финансиите, за кои можеби некој смета дека е невкусно да се зборува, кога е живот во прашање, сепак се нешто кое не смее да се занемари. Јас како инвалид, добивам пензија во износ од 10.000 денари. Ако не е помошта од семејството, искрено, може ли да се живее со таа сума? Оние кои биле во слична ситуација, знаат добро со какви трошоци се соочуваат пациентите болни не само од канцер, туку и од други болести. Се подигаат кредити за лекување и за операции, тоа е реалноста. Ова се прашања кои треба да се разгледаат, во интерес на пациентите, бидејќи не секој еден може да добие финансиска помош од блиски, или пак дури и нега-вели Парчева.

И покрај состојбата во која се наоѓа, таа сепак има енергија да гледа напред, да направи се што е во нејзина можност да им помогне и да ги охрабри другите борки.

-Кога ја дознав мојата дијагноза, пред 13 години, се тоа беше нешто ново и непознато за мене. По првичниот шок, сфатив дека морам да се информирам повеќе, да стапам во контакт со лица со слични искуства, да знам каде сум и на што сум, што да очекувам. Така и започна мојата приказна со Борка, и за целото ова време јас сум координатор на жените во Кавадарци. Ја организирав и нашата група за трката, можеби не можам да трчам, но со телефон во рака, со добра организација и желба, се е можно. Дадов се од себе, и не застанувам тука. И во минатото имавме многу настани, разни собири за донации за помош на жените. Драго ми е што запознав многу храбри борки со кои сме едно семејство, меѓусебна поддршка сме си и се трудиме да се слушне нашиот глас, посебно сега, во време на пандемија, кога сме една од најзагрозените групи на граѓани – раскажува Мери.

Таа појаснува дека болните од канцер не смеат да трпат поради пандемијата, и како нивната болест не смее да чека.

-Здравството мора да продолжи да функционира и пациентите болни од рак не смеат да бидат оставени на чекање во ниту еден случај, без оглед на пандемијата. Состојбата со ковидот многу се одрази врз оваа група на пациенти, и операциите и сите терапии кои се неопходни треба да течат непречено. Би рекла, пациентите кои се позитивни на корона вирус, се борат една, две недели со болеста, ние се бориме со години. Мора да се мисли на нас. И за поголемиот случај на ковид позитивните пациенти, факт е дека најчесто се инфицирале поради непочитување на мерките, додека кај нас е сосема друга приказна, не по наша вина сме во оваа состојба, па мора да се покаже разбирање, но и грижа од страна на заедницата, да не бидеме доведени во непотребен ризик, да се внимава на мерките за заштита, да се покаже дека секој живот вреди подеднакво – вели кавадарчанката.

Во својот град таа е позната како личност која е секогаш е тука за борките. Координатор е на над стотина жени, организатор на низа на донаторски настани каде се собрале средства за набавка на перики, но и други неопходни потреби на жените. Болеста која во повеќе наврати дошла на нејзината врата, не го скршила нејзиниот дух, туку само уште повеќе ја поттикнала солидарноста.

-Сакам јавно да се заблагодарам на сите кои имаат во својот живот некој кој се бори или пак во минатото се борел со канцерот, на оние чии блиски заминале прерано, за поддршката и силата која ја давале на своите најмили. Тоа се нашите херои во сенка, пациентите секогаш се во првата линија, но не смееме да ги заборавиме и нивните семејства. Во оваа приказна, мои се херои се мојот син, моите родители, брат ми, блиските роднини и пријатели кои не ме оставија ниту за миг, и за целото време се трудеа да ми дадат ветар во крилја, да ми покажат дека ние заедно можеме да победиме. Со таа енергија јас се будам секој нов ден. И она кое што ми се случи по болеста, тоа е новиот живот кој го имам, на кого му се радувам. Верувате ли дека секој ден се трудам да се разбудам што е можно порано, за да имам повеќе време да уживам во секоја секунда која тој ден ми ја подарил? Ги гледам малите, а така големи нешта, кои порано не сум ги ни забележувала, ја барам убавината во се, во природата, во луѓето, во уметноста… Ги паметам само убавите нешта, нема место за лоши спомени, простив и заборавив за секоја неправда која некогаш ми била нанесена. Со мир во душата и желба од секој ден да го извлечам максимумот, јас одам напред, благодарна за се што имам, посебно за луѓето кои се покрај мене – раскажа Парчева.

Вики Клинчарова

Поврзани новости