Повеќе од 60 ученици во второ одделение веќе два дена не одат на часови во основното училиште „11 Октомври“, но не поради штрајкот на просветните работници, туку поради тоа што директорката на училиштето ги избркала од работа двете нивни наставнички, од кои едната лани била изберена за најдобра учителка на генерацијата, реагираат дел од родителите. Според нив, тие нема да ги пуштаат децата во школо се додека не се вратат на работа нивните наставнички.
– Со сигурност тврдиме дека нашите деца нема да одат на училиште, се додека директорката не ги врати двете наставнички кои ги избрка пред неколку денови од работа. Таа ја избрка учителката и на нејзино место носи нова учителка. Не може да второоделенчињата да им предава новата, кога и децата и ние како родители бевме презадоволни од претходната учителка. Не знаеме која е причината зошто се избркани од работа, ама се додека не се вратат, децата ќе си седат дома. Тоа нема никаква врска со штрајкот на просветарите, бидејќи гледам дека го поврзуваат со тоа. Никој не може да нѐ натера да ги носиме децата на училиште – тврди во изјава за „Фокус“, Александар Панчевски, родител на второоделенче.
Тие за денеска во 18 часот договориле родителски состанок, за да се договорат што ќе прават понатаму. „Фокус“ се потруди да стапи во контакт и со директорката на основното училиште „11 Октомври“, но никако не успеваме да ја добиеме.