Дојде и тоа време кога треба да се иде на приредба која син ми заедно со сите свои другарчиња макотрпно ја подготвуваа за прославата на училишниот патронат. Салата беше преполна со деца, родители и со просветни работници. Сите бевме весели и насмеани. На некои од родителите како мене ова им беше првпат. Но нашата возбуда не се приметуваше затоа што радоста на нашите деца не можеше да се спореди и да се измери. Како сите да бевме подеднакво среќни за нив.
Откако директорот го честиташе патронатот и откако ја прогласи приредбата за отворена, по краткиот аплауз, децата истрчаа на бината, а сите родители ги извадија своите мобилни телефони и почнаа да снимаат. Изгледаше прекрасно, гледав и се чудев на убавината од малите дисплеи на мобилните телефони што салата ја направија да изгледа како едно мало слатко ѕвездено небо.
Целата таа понесеност ме врати во реалноста. Како тоа јас ова го гледам со моите очи а не снимам со телефонот? Како тоа можам да си го дозволам? Како тоа јас си оставам да ја доживеам приредбата на син ми со моите сопствени очи, а да не го снимам целиот настан за кога подоцна ќе дојдам дома и мирно без галама од другите, ќе го гледам на својот компјутер со рамен екран и ќе се радувам на целата таа живописна слика од 2 милиони мегапиксели што децата ја создадоа на приредбата.
Бргу ја ставив раката во џебот, па во другиот, па во џебовите од капутот, па дури и во внатрешниот џеб. Мојот телефон не беше таму. Доживеав шок и малку фалеше да се онесвестам. Бев уништен и стронет од болка, тогаш сфатив дека целиот овој настап на моето дете ќе мора да го изгледам со сопствените очи и да го доживеам реално. По некое време веќе не знаев што да правам со рацете, почнаа да ми се потат од возбуда. Солзи почнаа да ми течат. Се чувствував како да сум сведок од некоја голема приредба во која децата пеат, трчаат и глумат лудории, ВО ЖИВО!
Останатите родители кои беа околку мене ме гледаа како да сум луд, како некој што не припаѓа таму, како да не сум родител што знае како да ги живее моментите на своите деца. Ми се чудеа на тоа како можам целата приредба да ја изгледам без воопшто да ја снимам или пак да исликам 1200 слики, кои заслужуваат место во мојот компјутер веднаш до фолдерите: „Првата ужинка на син ми“, „син ми спие“, „син ми спие 2“, „син ми јаде овошје“, „син ми шета во природа“, „син ми кака“, „Прекрасен ден со син ми“, „син ми плаче ама сладок е“, „син ми и баба му“, „син ми со баба му и дедо му“, „син ми прави нешто“, „син ми – одмор Калитеа“ итн.
Како и да е… без да трепнам ја изгледав цела престава. Бев подеднакво воодушевен од настапите на сите деца. Сите покажаа сѐ што научиле, сите направија напор да бидат без ниту една грешка и со одличен настап пред мобилните телефони на своите родители.
Кога заврши преставата, во радост и возбуда му проговорив на родителот до мене:
– Одлична престава. Феноменално нешто. Нашите деца злато вредат. Браво!
А тој се сврте и зачудено ми одговори:
– Викаш? Малата моја три месеци се подготвуваше за својот настап. Едвај чекам да одам дома и да го погледнам видеото и да се уверам дека настапот и бил онаков каков што и беше и пред огледалото кога вежбаше.
Се насмеав и сфатив дека нема да брзам до дома за истото да го направам, туку ќе го фатам мојот син за рака и мирно ќе си одам. Полн со гордост и спомени од моменти кои треба вистински да ги доживееш. Ова беше нов момент за мене, ново чувство, ново искуство кое ќе му го раскажувам на син ми кога ќе порасне. Исто чувство што моите родители го имале за мене кога вака сум настапувал, а кога немале апарати тоа да го зачуваат. Но сигурен сум дека цврсто и јасно во нивната меморија ме имаат мене како танцувам и рецитирам по бината, исто како син ми што тоа предмалку го направи. Искуство кое ниедно видео не може да ти ја долови возбудата како моментот на којшто си бил сведок со сопствените очи.
Технологијата е од помош, но понекогаш знае да ни ги „украде“ вистинските моменти.