Директорката на скопската Клиника за гинекологија, Викторија Јовановска во изјава за медиумите рече дека родилката која се обидела да си го одземе животот со тоа што скокна од прозорец на првиот кат на болницата е во многу тешка здравствена состојба.
„Пациентката е во многу критична состојба, ме информираа од КАРИЛ. Немала посериозни психолошки проблеми, иако не сакала да го дои бебето, што не се случува првпат. Табу тема е да доаѓа психијатар тука и да разговара со мајките. Лично мислам дека на сите нас ни треба психијатар, во современото живеење, како совет, не како терапија. Прво дете и е на 39-годишната жена“ рече Јовановска.
Таа напомена дека семејството на родилката не сака да се откриваат повеќе детали во врска со нејзината, пред се, психичка состојба.
Инаку, беше објаснето дека ова и било прва рожба на 39-годишната мајка која во неколку наврати покажувала вознемиреност, па психолог разговарал со неа.
Пациентката на Клиниката била донесена во 36. недела од бременоста во средата со крвавење во последниот триместар од бременоста. Пациентката веднаш била прегледана од дежурен специјалист во амбулантата за итни случаи и било утврдено дека се работи за предвремено одлепување на постелката, состојба што витално го загрозува плодот и сериозно го загрозува здравјето на мајката.
Пациентката била примена во родилна сала и по кусата предоперативна подготовка и за 14 минути од приемот е породена со царски рез во 21.30 часот, при што е добиено живо машко дете во задоволителна кондиција.
Во петокот, пациентката се пожалила на вознемиреност и извршен е разговор со клинички психолог. Во понатамошниот постпородилен период пациентката е следена согласно дадените препораки. Следниот ден, пациентката е без особени тегоби и е со уреден гинекошко-акушерски статус.
Вчера, пак, на утринска визита пациентката се пожалила на слична симптоматологија како и во петокот, при што дежурните лекари извршиле разговор со неа, ординирана е соодветна терапија и донесена е одлука, за подобра проценка на состојбата пред испис да се повика психијатар. Во понатамошниот тек од вчерашното дежурство продолжени се дневните активности и работни обврски на дежурната екипа, без дополнителни влошување на состојбата на родилката“, наведено е во соопштението.