Се надевам дека интегритетот на Специјалното јавно обвинителство нема да биде нарушен од можните сомненија, изјави обвинителката Ленче Ристевска, на денешната прес конференција во СЈО, по истрагата во која е наводно вмешана шефицата на СЈО, Катица Јанева, а во која вчера беа уапсени менаџерот на 1ТВ, Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец.
Ристевска рече дека со Јавното обвинителство за организиран криминал до сега тимот на СЈО немал официјална комуникација за истрагата, но во име на целиот тим изрази подготвеност за соработка.
-Тој кој се огрешил пред законите мора да одговара. Сите се еднакви пред Уставот и законите. Стоиме на линија да се најде одговорност и лицата да одговараат – рече обвинителката.
Одговарајќи на новинарско прашање таа рече дека не се чувствува како колатерална штета.
-Целото мое постапување било во рамки на законите и во рамки на интегритетот кој сум го имала и пропагирала. Работата која ја имаме завршено како СЈО и продолжуваме да ја работиме говори доволно за самото тоа – рече Ристевска.
Таа додаде дека во моментов формално-правно шефица на СЈО останува Јанева, бидејќи оставката е со одложено дејство.
-Но имаме земеници кои ја менуваа специјалната обвинителка во нејзино отсуство, обвинителството има кој да е одговорен да ги раководи работите. Заменици сме јас и Елизабета Јосифовска – рече Ристевска.