Режисерот Иванов: Некои не сакаа да комуницираат преку телефон, затоа побарав да видам дали сум прислушуван

by Fokus

Свој исказ на денешното рочиште за „Тврдина-Таркет“ имаше и лицето Игор Иванов, (режисер – филмски работник) кој пред судот рече дека е изненаден што денеска е повикан како сведок, со оглед дека од обвинителството не вратиле одговор дали е прислушуван или не. Објаснувајќи ги причините зошто поднел барања за потврди дали е прислушуван незаконски, тој рече дека во тој период (2008-2015) неговото име се појавувал во јавноста во негативен контекст.

– Појавувањето на моето име во јавноста од тогашната власт имаше импликации по мене. Некои луѓе не сакаа да комуницираат преку телефон. Заради ова побарав да видам дали сум прислушуван, рече сведокот Иванов. Тој истакна дека откако ќе добие потврдата дали е прислушуван ќе се изјасни за оштетата.

На ова рочиште сведочеа и две лица, поранешни вработени во УБК од делот за логистика, кои учествувале во уништувањето на опремата за следење на комуникаците во 2014-2015 година во Волково и Горѓе Петров.

Следното рочиште за овој предмет е закажано за 8 октомври.

Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и неколку вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година.

Судскиот процес го води судијата Џенета Бегтовиќ, додека обвинението е застапено од обвинителската тројка Трајче Пеливанов, Ленче Ристовска и Артан Ајро.

Судењето по предметот „Таргет-тврдина“ е започнато на 22 декември 2017 година.

Фото – ТВ Телма

Поврзани новости