Рестартирани багерите кај Мајчин Дом, утринава повторно се гради

by fokus

Градежната механизација кај Мајчин Дом утринава е активирана и одново започнаа активностите за изградба на предвидената деветокатница откако Општина Аеродром донесе 15-дневна времена забрана за изведување на градежните работи.

Рестартирањето на багерите следи ден откако Уставниот суд ја одби поднесената претставка за оценување на уставноста на донесениот ДУП за градска четврт И10, во кој влегува зелената површина претворена во градежна зона.

Инвеститорот на зградата, пак, со соопштение до јавноста вчера вети дека ќе вложи средства во изградба на нов парк во Аеродром

–Ова е наш придонес за општината и граѓаните. Нашата компанија е општествено одговорна и сакам да обезбедиме подобри услови за живеење во Аеродром. Стојам на располагање и за други еколошки проекти во општината и во процесот сум спремен целосно да ги вклучам граѓаните – вели сопственикот Фатмир Етеми.

Во соопштението од компанијата „ЗСФ-КОМ“ чиј сопственик е Етеми се наведува дека во разговор со надлежните институции заклучено е дека нема начин да му се надомести штетата која е проценета на повеќе од осум милиони евра или да му се обезбеди заменска парцела со приближна вредност.

Зградата кај „Мајчин дом“, како што ветуваат од компанијата, ќе биде целосно енергетски ефикасна, со вертикално и хоризонтално зеленило и посебен систем за одржување.

– Дополнително инвеститирот ќе обезбеди 100 високоизраснати дрва и целосно партерно уредување на плацот околу „Мајчин дом“ – се наведува во соопштението.

Изградбата на зградата кај „Мајчин дом“ предизвика револт кај локалните жители кои неколку пати се собраа на протест пред парцелата. Од општината претходно информираа дека ДУП И-10 со кој е опфатена оваа зграда е донесен тајно и без дебата од претходното општинско раководство предводено од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани новости