Репортери без граници: На 111. место, Македонија е „лошото момче на Балканот“

by fokus 14:44
14:44

Најновиот извештај на „Репортери без граници“ ја рангира Македонија на 111. место според индексот на слобода и земјата ја нарекува „лошото момче на Балканот“.

Според „Репортери без граници“, слободата на медиумите е намалена во целиот регион, но ерозијата на владеењето на правото е највидлива во Македонија, јави Мета.

Оттаму нагласуваат дека клевета била отстранета од кривичниот законик во 2012 година, но дека обвиненијата се замениле со приватни тужби, со можност за тешки парични казни и за затворски казни за новинарите и за сопствениците на медиумите.

„Имаше многу извештаи за закани, насилство, малтретирање и за заплашување на новинарите за време на политичките демонстрации во 2016 година, но само неколку од одговорните беа гонети. Политичката нестабилност влијае на работата на новинарите и притисокот од владејачката партија ги натера некои од медиумите самите да се цензурираат“, се вели во најновиот извештај.

Македонија со 111. место е последна од сите земји во регионот. Србија е на 66. место, Босна и Херцеговина на 65. место, Хрватска на 74. позиција, Албанија на 76. место, Косово на 82. место, Грција на 88. позиција и Бугарија на 109. место.

На прво место според индексот на слобода е Норвешка, на второ  Шведска, на трето – Финска, на четврто – Данска, на петтото место е Холандија, а потоа следуваат Костарика, Швајцарија, Јамајка, Белгија и Исланд.

Поврзани новости