Шампионот Стаменковски со нов трофеј: Автостоп до злато за Македонија!

by fokus

Светскиот шампион во паурлифтинг, Бошко Стаменковски од Македонска Каменица, повторно и донесе злато на Македонија, без денар помош од институциите.

На Балканското првенство во Врање, соседна Србија, во паурлифтинг и бенчпрес во категорија -75 кг М2, тој го освои првото место, а воедно бил прогласен и за најсилен натпреварувач.

Но, она што е посебно интересно околу ова првенство, е фактот што шампионот, во недостиг од финансиски средства заминал во Врање автостоп.

,,Горд сум на освоеното прво место на Балканското првенство во Врање. Исто така, се пласирав и на Европско првенство кое што ќе се одржи од 25 до 30 јуни во Полска. До Врање, можам да кажам дека стопирањето не беше многу напорно, но за Полска, не знам што ќе се случи. Се надевам дека овојпат некоја од државните институции или пак поголеми компании ќе ми излезе во пресрет, бидејќи реално, да се стопира до Полска не е баш лесен подвиг, со оглед на тоа што таму, за време на Европското првенство треба да бидам одморен и во топ форма’’ – вели Бошко.

Четириесет и шест годишниот спортист редовно и носи злато на Македонија на балканско и европско ниво. Пред две години се закити со злато и во Лас Вегас, во категоријата бенчпрес до 75 кг М1.

Во повеќе наврати досега барал финансиска помош, се обратил до Агенција за млади и спорт, до неговата општина, до разни државни институции, но не добил ниту денар.

Минатиот месец, за светскиот куп во паурлифтинг, кој се одржа во Сараево, јавно апелираше дека му се потребни околу 500 евра за трошоци за пат и сместување, и единствено рудникот Саса му ги покри трошоците околу сместувањето. Тој и од Сараево и донесе злато на Македонија.

Вики Клинчарова

 

 

Поврзани новости