Решивме голем проблем за најралнивите категории граѓани кои досега мораа да плаќаат партиципација за здравствено лекување само затоа што фондот за здравствено осигурување и ова Министерство си ја префрлаа одговорноста која институција ги издава потврдите, рече денеска министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски.
-Меѓу првите чекори кои ги презедов е решавање на овој проблем. Иницирав состанок со претставник на фондот за здравствено осигурување и ги усогласивме сите идни чекори во нашето заедничко постапување. Не постојат законски пречки за ослободување од партиципација на децата со посебни потреби, корисниците на постојаната парична помош, лицата сместени во установи за социјална заштита или во друго семејство и лицата со интелектуална попреченост без родителска грижа согласно законот за социјална заштита. За таа цел изготвивме и доставивме до центрите за социјални работи осум унифицирани потврди за статусот на корисникот на едно од горенаведените права, изјави Ременски.
Министерката појасни дека со тоа обезбедиле поедноставно и поефикасно остварување на правото на ослободување од партиципација, со што се надминале недоразбирањата која институција ги издава потврдите.