Повторно хаос во Неготино: ДАЛИ УЈП САКА ДВАПАТИ ДА НАПЛАЌА ЗА ИСТ ДОЛГ?

by fokus

Деновиве речиси сите лозари во Неготино добиле опомени за плаќање на неплатен долг за персонален данок на доход, и покрај тоа што уредно си го платиле долгот кон државата. Датумот на опомените е од почетокот на месец мај, а лозарите реагираат поради непрофесионалното и неодговорно работење на службата. Дел од нив дури и се сомневаат дека опомените се пуштаат намерно, со цел некој ако не е сигурен дали го платил данокот, повторно да уплати пари на сметка на Управата за Јавни Приходи.

Кога телефонски се обративме до УЈП Неготино и им кажавме дека се работи за опомени за веќе платен данок, тие ни одговорија дека заедно со опомената и уплатницата како доказ треба да дојдеме во просториите на УЈП и да не се вознемируваме, бидејќи без оглед на тоа дали некој платил или не, сите земјоделци добиле опомени.

На нашето прашање како тоа сите добиваат опомени и треба да изгубат време чекајќи на ред во УЈП, за да докажат дека не се должни кон државата, службеничката само ни кажа дека тоа не е во нејзина надлежност и не може да ни открие кој и зошто ги праќа опомените, но ако тие кои што ги добиле не се појават во нивните простории, ќе биде отпочната постапка за присилна наплата со донесување на Решение за присилна наплата, и долгот ќе се зголеми во висина од 5%.

Лозарите револтирани коментираат дека покрај сите проблеми со слабата цена и исплата на грозјето, како и со отежнатиот откуп годинава, им фали уште да губат време во просториите на УЈП и да ја докажуваат својата чесност кон државата.

Сличен случај имаше и лани, кога кон крајот на годината сите оние кои што си платиле данок на имот, помеѓу кои и лица кои што биле починати со години наназад, добиле опомени да си го платат веќе платениот данок. И тогаш од одделението за администрирање со даноци излегоа со истиот одговор – Секој кој што добил опомена мора да дојде во нивните простории за да си го реши проблемот, бидејќи телефонски тие не можат да регулираат ништо. Во тој период, во одделението за администрирање со даноци во собраниската зграда во Неготино, владееше хаос. Стотици граѓани со часови чекаа ред за да им докажат на надлежните дека уредно си го платиле данокот, при тоа губејќи време и отсуствувајќи од работа, бидејќи одделението работи од 9 до 17 часот, само во работни денови.

Исто така, и тогаш вработените од одделението немаа конкретен одговор за што точно се работи и како голем број на граѓани, и мртви и живи завршиле со опомени за неплатен данок. Само збркано повторуваа дека се ќе се среди и како тие не се виновни за ситуацијата. На оние кои што дошле да се жалат за опомените добиени за починат роднина, им беше кажувано да дојдат повторно во март, наредната година, кога ќе имало специјална комисија, и со себе да понесат имотен лист, односно документи дека имале завршено оставинска постапка.

Вики Клинчарова

Поврзани новости