Во минатото во функција на добивање на глас во време на избори се злоупотребувале овластувања, имало уцени и ние сакаме да бидеме гарантори дека тоа нема да се случува во периодот што следува, вели новата министерка за труд и социјала од СДСМ Фросина Ташевска Ременски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Таа тврди дека првата средба со заменикот Диме Спасов и заменикот Ибраим Ибраими ја имала на 13 ноември 2015.
– Од нашата прва средба ние немавме друга средба, што не значи дека нема да ги имаме во иднина. Дневно комуницираме и со државниот секретар и со заменикот Ибраими којшто го заменува министерот во обврски во којшто тој не присуствува, а тоа се да речеме одредени седници на комисии во влада. Во тој дел исто сакам да ги демантирам сите информации коишто одеа во прилог на креирање на јавно мислење дека стапувањето на новите министри на работните места ќе биде проследено со некакви кадровски разместувања, поместувања, деградирања, отпуштања што секако не се случи, затоа што примарната цел ни е пред сè функционалното организирање или реорганизирање, а не и кадровското коешто не секогаш ги дава резултатите во делот на функционалното реорганизирање – тврди Ременски во интервјуто.
Според неа, Министерството за труд и социјална политика е нудач и давач на широка лепеза на услуги по барање на граѓаните.
– Знаеме дека во минатото во функција на добивање на глас во време на избори се манипулирало и во самите нивни барања и со самиот нивен статус, се злоупотребувале овластувања на лица коишто се вработени во институциите, токму во таа насока да бидат приморани да исполнат одредена партиска агенда или задача или да дадат глас за партијата во дел на уцена за остварување на нивното право и во таа насока ние сакаме да бидеме гарантори дека тоа нема да се случува во периодот што следува од наша позиција и вклучување наше во овој процес од позиција на министри – вели Ременски.