Пратеничката Фросина Ременски ќе ја донира својата плата во наредните неколку месеци за помош на седумчленото слепо семејство Младеновски од село Враготурце, Кумановско, кое живее во многу тешки услови. Пратеничката уште во времето кога беше на функцијата Министерка за труд и социјална политика, лани, јавно прозборе за голготата на семејството, за кое дознала од жители од Старо Нагоричане, кои со теренско возило ја однеле на самото место, да види како живеат Младеновски.
По посетата, потресена од сликите што ги затекнала, таа веднаш им обезбедила храна, облека и останати потребни средства за да можат да ја поминат зимата.
,,Тажна е оваа македонска убавина! На 30 километри од Старо Нагоричане, на надморска висина од 1.200 метри, на 50 метри до македонско-српската граница заборавени од сите институции и државата во Врагоптурци живеат неколку семејства во длабока сиромаштија. Слепи родители со 5 слепи деца, од кои две со заемна поддршка секој ден пешачат околу 30 км низ шума со волци за да стигнат до најблиското училиште … Велат до падот на првиот снег ќе се мачат, и ќе чекаат пролет да се симнат од планината заборавени од светот. Презедов обврска за нив, дека зимата ќе ја поминат со храна и облека за децата и за нив, со се друго што им следува од центарот за социјална работа кој не верувам дека знае за нив’’ – изјави Ременски минатата година.
Денес, вели дека и покрај помошта која им била пружена минатата година, семејството сеуште живее во многу лоши услови, и потребно е изнаоѓање на трајно решение за нивниот проблем.
,,Состојбата на семејството е уште полоша денес, бидејќи неодамна почина бабата на децата, од чија пензија се издржуваа. Мора да се изнајде трајно решение, да се вложат максимални напори овие деца да добијат дом во поурбана средина’’ – раскажува Ременски. Се работи за пет деца со проблеми со слухот, а три од нив имале и проблеми со говорот, мајката е со менатлен хендикеп, додека таткото имал сто отсто оштетен вид. Живеат во трошна куќичка, која се распаѓа, без кујна и купатило, на 1.200 метри надморска височина, до која може да се дојде единствено со теренско возило, поради земјениот пат. Поради проблеми со превозот, едно од децата секој ден пешачело по околу 30 километри до училиште и назад, а уште едно од децата го придружувало.
,,Пред една година го посетив семејството Младеновски и ветив решавање на нивниот проблем. Им помогнавме да добијат се што е потребно за да ја поминат зимата. Скромните средства што ги добиваат од Центарот за социјални работи – Куманово и оддалеченоста на ова планиснско село се потполно недоволни за задоволување на основните потреби на ова семејство. Дополнително што станува збор за семејство со слабовидни деца за кои е потребна посебна специјална нега, грижа и посебни образовни потреби. Во пресрет на зимата и нерешениот проблем на семејството, чувствувам морална и граѓанска одговорност да повикам да му се помогне! Јас како пратеник во Собранието на РМ ќе ја донирам пратеничката плата за сместување на семејството во Старо Нагоричане како најблиско место за Новко и неговите деца до нивните потреби. Дополнително ќе мотивирам неколку НВО, заедно со нашите хумани граѓани да обезбедиме средства (покуќнина, облека, храна, лекови и др.), за да му помогнеме на ова семејство на кое му е потребна нашата помош’’ – тврди Ременски.
Таа додава дека е свесна како донациите се само привремено решение, но се надева дека со помош на паричните средства кои ќе ги донира, семејството ќе може привремено да биде сместено во изнајмен дом, во Старо Нагоричане, се додека да се најде трајно решение, кое ќе биде најповолно за Младеновски.
,,Во животот сум имала периоди кога сум имала,но имало и такви периоди, кога сум немала. Знам како е да си од едната, но и од другата страна. Ние како општество не смееме да си дозволиме страдање на граѓаните, мора да пружиме рака. Сликите кои ги видов кај ова семејство, не можам да ги заборавам, а во никој случај да ги игнорирам, пред се како човек, а дури потоа како политичар. Верувам дека за краток период ќе им биде решен станбениот проблем и луѓето ќе можат да живеат во достоинствени услови. Ќе сторам се што е во моја можност да им помогнам’’ – ни раскажа Фросина.
Актуелната Mинистерка за труд и социјална политика, Мила Царовска, по повод ова прашање излезе со став дека е запозната со случајот, но како семејството ги прима сите права што им следуваат според законот, и единствено што може да се направи, е да им се плати превоз. Со оглед на тоа што се работи за непристапен терен, односно место до кое се доаѓа само со помош на теренско возило, најверојатно, и покрај понудената помош околу транспортот, никој од локалните превозници не би се нафатил да го превезува детето на Младеновски до училиште и назад.