Скопјанец киднапирал 11-годишно дете и го присилувал да питачи

by fokus

Против 60-годишниот скопјанец, Ќ.К. е поднесена кривична пријава за „трговија со дете“ бидејќи грабнал 11-годишно дете кое преку ден го присилувал да питачи, а навечер го држел заробено во подрумска просторија.

Детето престојувало во Прифатен центар за бездомни лица „Чичино Село“  во с.Сарај. Осомничениот, велат од МВР, го грабнал откако претходно го излажал дека со него е татко му.

„На 25.09.2017 година детето било пресретнато  со патничко возило во кое, освен пријавениот, биле уште две непознати лица. Се обиделе да го намамат со тоа што на детето му кажале дека неговиот татко е во возилото, но тоа одбило да влезе во возилото. Во тој момент едно од непознатите лица излегло од возилото и насилно го внел.  Потоа, со употреба на сила, го однеле во домот на пријавениот и го сместиле во просторија без прозорци, осветлување и мебел и го држеле заклучено. Воедно, му се заканиле дека врз него ќе употребат физичка сила доколку не биде мирно“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Следните денови Ќ.К.  го носел детето во близина на стоковната куќа „26 ти Јули“ и го принудувал да питачи. Цело време тој бил во негова близина и му ги одземал собраните пари од питачењето. На 29.09.2017 година, пријавениот го принудил детето да питачи пред трговски центар „Веро“ на бул. „Кузман Јосифовски Питу“. Случајот бил пријавен во полиција од страна на родителите на детото, по што била распишана потрага. На 29.09.2017 година околу 13.45 часот неговиот татко го забележал детето во близина на трговскиот центар „Веро“, а пријавениот побегнал од местото. По преземни мерки пријавениот бил приведен и изведен пред судија на претходна постапка, при што му е одредена мерка притвор во траење од 30 денови.

Поврзани новости