Ременски и Спасовски сепак дадоа заклетви

by Фокус

Министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Оливер Спасовски и Фросина Ташевска – Ременски, денеска во Собранието дадоа свечена изјава како дел од преодната влада предводена од Емил Димитриев.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски го поздрави потегот на опозицијата.

– Го поздравувам враќањето на опозицијата во Собранието и давањето свечена изјава на министрите. Мислам дека е добар гест да се вратат во институциите и да се исполнат обврските од Договорот од јуни/јули. Мислам дека има и други проблеми кои треба да се надминат, но добро е што СДСМ се врати во Собранието и покажа констуктивност – рече Димовски.

Kоординаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески, реплицираше дека однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ е лицемерно.

– СДСМ не учествуваше во работата после едностраниот чин со неуставна одлука да го распуштите Парламент, со одложено дејство. Јас ниту во Уставот негде најдов, ниту во светот има пракса некаде Парламентот да се распушти, а после повторно да работи. Ве повикувам еден пример во светот да ми кажете, со одлука за самораспуштање на Парламентот, тоа потоа повторно да работи. СДСМ е тука за целосно спроведување на Договорот од Пржино – рече Сугарески.

Поврзани новости