Трајанов предлага формирање група за спроведување на Договорот од Пржино

by Фокус

-Во Договорот не е јасно предвидено кој треба да врши мониторинг на неговата имплементација и кој треба да оцени дали истиот се спроведува во неговата суштина, поради што сметам дека само преку парламентарна и јавна дебата, може да се изградат и донесат оценки и заклучоци дали Договорот се спроведува, на кој проблеми се наидува при неговото спроведување, дали и кој го опструира неговото спроведување и да се утврди одговорноста на тие што го кочат процесот на неговото спроведување. Анализата за спроведување на Договорот е круцијална за учество на партиите на претстојните вонредни парламентарни избори, кои се закажани за 24 април 2016 година, смета пратеникот Павле Трајанов.

-Со цел Парламентот да има целосни и објективни информации и податоци за имплементација на Договорот, предлагам, Господнине Претседател на Собранието, по консултација со сите партии застапени во Парламентот, денес да закажете седница на која ќе се донесе Одлука за формирање на работна група која ќе подготви Извештај за имплементација на Договорот од Пржино и најдоцна до 20 февруари 2016 година истиот да го достави до Собранието на Република Македонија. Работната група предлагам да биде составена од: тројца пратеници предложени од партиите кои го сочинуваат мнозинството, тројца од партиите од опозицијата и еден независен пратеник, кој воедно предлагам да биде и претседател на работната група. Во работата на работната група да се вклучи (без право на глас) и еден претставник од невладината организација „МОСТ” и еден од новинарските здруженија.

По добивање на Извештајот, предлагам Парламентот да одржи седница, на која ќе расправа по Извештајот и ќе донесе Одлука дали се исполнети условите за одржување на предвремени парламентарни избори на 24 април 2016 година или истите треба да се одложат се додека не се исполнат обврските и приоритетите содржани во Договорот од Пржино“, стои во соопштението на Демократскиот сојуз.

Поврзани новости