Хуманитарни настани за Сања

by Фокус

Сања Кухар, 30-годишна девојка од Скопје е во тешка здравствена состојба после преживеана сообраќајна несреќа во 2009 година. Таа наскоро треба да биде подложена на комплексна операција во клиниката за неврохирургија во Бамберг, Германија каде ќе и се вметне имплант во черепот кој ќе спречи понатамошни мозочни инфекции.

За таа цел по серија хуманитарни настани и со здружени сили оваа сабота, 23ти јануари со почеток од 20:00 часот во Младинскиот Културен Центар се одржува голем хуманитарен концерт на кој ќе се појават некои од најголемите имиња на македонската музичка сцена. Во друштвото на големи хуманитарни музички имиња од нашата естрада кои гарантираат разновидна и одлична забава се најдоа Нокаут, Гоце САФ, Last Expedition, ДНО, Верка и Влатко Илиевски.

Како дел од концертот ќе се одржи и продажна изложба на која ќе бидат присутни повеќе наши уметници изложувајќи слики, фотографии, принтови, накит и ракотворби. Со свои дела ќе се претстават Марко Георгиевски, Урош Вељковиќ, Тања Вукобрат, Стоилчо Георгиевски, Ана Аврамоска, Бане Наумовски, Драгана Стојчевска, Бети Јаков, Марија Јанкова, Елeна Ставреска, Милан Андов, Весна Ничева, Кристина Павлеска, Аврамоски Игор и Верче Стефановска.

Со овој настан кулминира месецот на хуманитарни активности #заСАЊА зад кои застанаа повеќе индивидуалци, групи, организации и компании. Со сите овие активности сакаме да помогнеме на Сања и на семејството кои повеќе години водат тешка битка. Сите средства од продадените билети и дела ќе бидат предадени на семејството Кухар.

 

Поврзани новости