Пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски застана во одбрана на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој доби лавина критики од пратениците од опозицијата.
„Оваа втора интерпелација на Димитров е можност да видиме со какви аргументи располагаме за неговата работа. Тоа е прилика за граѓаните да видат дали сме излегле од рововите на квазипатриотизмот и да се обидеме да најдеме константа, која што ги води политичарите. Не може да му оспорите за изминатите години, преку извршување на функцијата, претставување на Македонија на амбасадорските функции, претставувањето во Хаг, овластен преговарач во спорот со Грција, советник за национална безбедност и човеккови права на Борис Трајковски. Тоа говори дека овој министер за надворешни работи има една константа – тоа е интересот на Република Македонија. Мислам дека Македонија ќе има прилика да го запише во историјата, што имал визионерство, храброст и знаење да затвори ваков децениски спор, што значи перспектива за Македонија. И во тој контекст, таа константа, да не биде политичар, затоа што е длабок познавач на спорот со Грција и секако голем познавач на корените на таа квазипатриотска нота“, истакна Ременски.