Душан Релјиќ од Германскиот институт за меѓународни односи и безбедност во интервју за ДВ ги критикува козметичките промени на ЕУ и вели дека со плати од 300 евра не се градат владеење на право и демократија.
ДВ: Што е всушност ново во новата методологија на ЕУ имајќи предвид дека и досега, двата клучни сегмента: почнување и завршување на преговорите со Поглавјата 23 и 24, и т.н. реверзибилност на процесот, постоеја во слична форма?
Душан Релјиќ: Мислам дека промените се главно од козметичка природа. Сега предложените, уште посложени формулации одошто во претходните документи треба, очигледно, од една страна да ги задоволат француските барања да се измени начинот на кој ЕУ преговара со кандидатите за членство. Од друга страна, треба да овозможат продолжение на постојната повеќедецениска пракса.
Очекувате ли дека оваа реформа ќе биде доволна за Франција и други земји-членки да попуштат за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија?
На претседателот Емануел Макрон многумина му префрлаат дека ја принудил ЕУ да ризикува историска геополитичка грешка со тоа што го блокираше пристапот за тие две држави. Нескриената амбиција на францускиот претседател е да биде предводник на Европа, а во тоа не може да успее доколку повеќето негови политички сојузници во Европа ја оспоруваат исправноста на неговите постапки. Претпоставувам затоа ќе се откаже од блокадата по овие козметички измени во Брисел, и доколку од Скопје и Тирана и натаму доаѓаат адекватни сигнали.
Акцентирањето на можноста земјите-членки да ги блокираат или суспендираат преговорите со земјите-кандидати ја остава можноста, како и досега, одредени земји да ги блокираат преговорите поради некои нерешени соседски прашања или проблеми. Зошто Европската комисија не успеа да ги заштити земјите-кандидати од таа опасност?
Нема да успее ни во иднина. Приемот на новите членки, согласно европските повелби, е во надлежност на земјите-членки, Европската комисија само ја спроведува нивната волја. Периодот пред пристапувањето кон ЕУ е моментот кога земјите-членки можат најмногу да бараат од земјите-кандидати. Тоа е најповолниот момент за соседите надвор од ЕУ да се принудат на отстапки. Најдобри примери се промената на името на државата во сегашната Северна Македонија или барањата Србија да ја признае сецесијата на Косово. Ќе бидеме сведоци на уште многу препирки на подрачјето на поранешна Југославија бидејќи останаа уште многу нерешени прашања, гранични и други.