Стотина студенти денеска се собраа пред Ректоратот на универзитетот „св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) изразувајќи го своето несогласување против владиниот предлог на Министерството за образование и наука за екстерното тестирање на факултетите.
Тие ја критикуваа незаинтересираноста на Студентскиот парламент при УКИМ и на професорите што се членови на универзитетскиот Сенат кому им ги упатија зборовите „дајте ни поддршка“. Исто така критикуваа што на вчерашната конференција организирана на тема екстерното тестирање, на којашто присуствуваше и министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми, не се појавил ниеден претставник од УКИМ.
Откако студентите почнаа да извикуваат „Кога ќе нè прашате“ и „Доста беше молк“, двајца студентски претставници беа повикани на разговор кај ректорот Велимир Стојковски. Доста беше молк – Студентите бараа да се покрене прашањето за екстерното тестирање пред ректоратот на УКИМ
Наместо да присуствуваат на седницата на сенатот, ректорот ги прими во својата канцеларија. По барање на студентите, тој даде изјава во која го кажа моменталниот став на УКИМ.
– Ниту универзитетот УКИМ, ниту некој друг универзитет има добиено официјален допис од Министерството. Ние се обративме до министерството да ни го достави предлогот во писмена форма, штом ќе го добиеме преку јавни дебати ќе дебатираме заедно со сите засегнати органи. Не можеме да дадеме мислење за нешто што не сме го виделе. Ќе расправаме во присуството и на студентите и на нивните преставници и ректорите – изјави Стојковски пред присутните студенти.