Концертот во чест на Аки Рахимовски беше замислен така, да започнеме со песната ,,За малку нежност”, ние да свириме во живо, а во позадина да оди вокалот на Аки, бидејќи денешната технологија го овозможува тоа.
Реков, нема да ја гледам публиката, оти бев сигурен дека ќе има и такви кои ќе заплачат. Тоа значеше дека ќе се распаднам на сцената, вели во своето емотивно обраќање Хусеин Хасанефендиќ – Хус од ,,Парни Ваљак”, за првиот концерт на бендот кој се одржа без Аки, во Арена Загреб.
Насловен како Ваљак и пријателите, во чест на вокалистот Аки кој почина на 66-годишна возраст, за концертот и денес, по неколку месеци се прераскажува. Хус, кој повеќе од половина од својот живот го поминал покрај Аки, како негов пријател и член на бендот, за прв пат за хрватски Вечерњи лист отворено зборува за настанот и емоциите.
-Цело време додека свирев гледав во подот, но во еден момент, погледнав малку накосо и ги видов девојчињата во публика кои ги бришат солзите.
Ми застана кнедла во грлото. Го погледнав Брко, му течеа солзи. Тешко е тоа. Луѓето разбираат и без премногу објаснувања. Ние не бевме само соработници, ние бевме семејство и половина живот го поминавме заедно.
Додека ја изведувавме ,,За малку нежност” со вокалот на Аки, страшна тага доаѓаше до мене. Тоа беше вибрација која навистина и физички се чувствуваше – раскажува музичарот.
Бендот најави уште еден концерт во Пула, на 25-ти јуни. И на тој концерт ќе имаат музички гости и ќе биде во знак на сеќавање на Рахимовски.
Вики Клинчарова