РЕК Битола се огласи со реакција на вчерашната прес-конференција на дополнителен заменик на министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски, на која обвини дека дури 439 вработени од комбинатот, наместо на работа, принудно биле на митинг на ВМРО ДПМНЕ.
Од таму ги отфрлаат тврдењата на Кирацовски како целосно неточно и во функција на собирање дневнополитички поени.
-Податоците со кои оперира дополнителниот министер, воопшто не кореспондираат со фактичката состојба бидејќи станува збор за бројка која е еквивалентна на една комплетна смена во комбинатот, по што би се извел заклучок дека тоа попладне РЕК Битола воопшто не работеше.
Соодветните служби во РЕК Битола на инспекциските органи им ја понудија на увид комплетната документација за евиденција на вработените, од што произлезе дека ни од далеку не може да стане збор за неоправдани отсуства од работа. Факт е дека на денот кој го посочува Кирацовски, процесот на производство во РЕК Битола се одвиваше нормално, без застои и проблеми.
На крај, РЕК Битола не може да го контролира слободното време на своите вработени, без разлика на која политичка опција тие припаѓаат, па затоа уште еднаш апелираме до сите политички субјекти да не користат паушални информации поврзани со работата на РЕК Битола и да ги остават вработените во комбинатот непречно да си ги извршуваат своите секојдневни обврски- се вели во реакцијата од РЕК Битола.