Според првичните неофицијални резултати кои ги имаме од терен до 10 часот на референдумот излегле околу 10 отсто граѓани. Оваа бројка не е официјална, се додека ДИК не соопшти подетални податоци на првата прес конференција – колкумина се изјасниле утринава. Инаку според податоците од терен има гласачки места на кои веќе има и по 30 отсто излезени, но и такви на кои има и по пет отсто, па и помалку.
Генерално, освен првичните забелешки на „Цивил“ дека на некои места се расипани лифтовите и дека има притисоци врз нивните набљудувачи, референдумот тече нормално, без сериозни инциденти.
Инаку, вчера при гласањето на затворениците и притворениците од вкупно 45 запишани во списокот гласале 38.
Во избирачкиот список се запишани 43.560 граѓани, од кои 895 се на привремена работа во странство, а 45 се на издржување затвор или притвор во четири затвори низ Македонија.
Референдумот го мониторираат 597 набљудувачи од кои четворица од ОБСЕ, 107 од МОСТ, 79 од Цивил, 181 од Граѓанското општество „8 Септември“, 70 од општина Центар, „Синергија“ од Штип со 156 набљудувачи и други.
За референдумот да биде успешен, на гласање треба да излезат половина од запишаните избирачи, а барем половина од нив да се изјаснат „за“ задржување на автентичниот изглед на Градскиот Трговски Центар.