Цивил: Регистрирани првите неправилности на референдумот

by Фокус

Невладината „Цивил“ која го мониторира референдумот за ГТЦ веќе забележала дека во некои згради намерно се расипуваат лифтовите за да се спречат станарите да излезат на гласање.

Според нив, на улицата „Народен фронт“ број 19 и на две живеалишта на улица „Коста Шашов“ во населбата Капиштец, повикувајќи се на сведочења на жители, лифтовите намерно се расипани. Плакатите од кампањата на Референдумот за ГТЦ на Иницијативата „Го сакам ГТЦ“, се кинеле и во текот на минатата ноќ.

Во гласачкото место број 2809 на ул. Народен Фронт бр. 21, избирачкиот одбор откина осум гласачки ливчиња заедно со делот кој треба да остане во кочанот.

„Веќе почнаа проблемите и притисоците врз нашите набљудувачи. На гласачкото место број 2850 во ОУ „Гоце Делчев“ (поранешно „Ленин“), на нашата набљудувачка ѝ е одземено овластувањето од „Цивил“, под образложението: „Мораме да имаме нешто“.

Ова е незаконско однесување на Избирачкиот одбор и ја повикуваме Општинската изборна комисија да интервенира во овој и другите случаи на нерегуларности при спроведување на Референдумот за ГТЦ“, побара „Цивил“.

„Цивил“ќе го набљудува Референдумот за ГТЦ со повеќе од 100 набљудувачи, од кои 79 се акредитирани во ОИК.

Поврзани новости