Пишува
Трајче Арсов
Референдумот за или против ГТЦ во барок ги даде очекуваните резултати. Добрите познавачи во проблематиката на изборниот процес од опозицијата знаат или би требало да знаат, дека референдумот во старт е осуден на неуспех. Зошто?
Ако за успешен референдум е потребен цензус минимум 50% +1 од вкупниот број избирачи, а вкупниот број избирачи запишани во избирачкиот список за Општина Центар е 43.560, половина од тоа е 21.780. Потребно е да излезат најмалку 21.781 гласачи за референдумот да биде успешен.
Ако се има предвид дека провладиното гласачко тело има негативно расположение по прашањето за референдумот, сосема очекувано е тие гласачи да не излезат на гласање, што значи преостанува гласачкото тело на опозицијата и неопределените.
Ако се земе предвид фактот од локалните избори 2013 год. за градоначалник од опозицијата гласаа вкупно 15.061 гласачи, може слободно да се каже дека опозицијата немала доволно капацитет сама да го надополни цензусот без поддршка на неопределените (дел реални, дел фиктивни т.н. „Пустец мафија“ и умрени).
Нескриена е желбата на опозицијата дека афирмативен одговор на прашањето за референдум за ГТЦ, де факто е поддршка на политиките на опозицијата vis a vis владините активностите дополнети и надградени кон проектот “СК2014”. Но она што референдумот го прави успешен за опозицијата е фактот дека “ЗА” прашањето против ГТЦ во барок се изјаснија вкупно 16.836 гласачи.
Де факто тоа се 16.836 гласови поддршка за опозицијата. Сметано од локалните избори 2013 год. (15.061), поддршката за опозицијата не само што не се намалила, туку таа успеала да придобие нови 1.500 гласачи! Овој референдум е само репер кој го имплицира ефектот од т.н. „бомби“, антивладиното расположение и зголемена поддршка за опозицијата.
Ако навистина таргет на опозицијата бил „ГТЦ“ и неговиот изглед, референдумското прашање наместо „Дали сте за тоа да се задржи автентичниот изглед на ГТЦ?“ можело да биде поставено во обратна насока, пример: „Дали сте за тоа да се промени автентичниот изглед на ГТЦ во барок стил?“, меѓутоа од ова прашање опозицијата нема да има друга корист, освен што ќе ги мотивира поддржувачите на власта масовно да излезат и да се спротивстават.
Од друга страна, референдумот ги покажа слабостите на изборниот систем дека без спроведен попис на населението и прочистен изборен список невозможно е да се обезбеди јасна слика за излезноста која потоа ќе се пресмета како процент од (не)гласачи.
Градскиот трговски центар, со неговиот сегашен лик, дух и физиономија, по неуспешниот референдум за „негов спас“, заминува во историјата. Но, опозицијата со новите, дополнителни 1.500 гласови само во општината Центар не само што останува, туку е посилна од кога било до сега.
Авторот е адвокат