Редици луѓе без растојание има пред сите банки во Тетово, претежно пензионери и други лица кои сакаат да отворат нови трансакциски сметки откако пропадна Еуростандард банка, за да може да добиваат плати, пензии, социјална помош или други примања.
Пред самите банки може да се забележи дека само некои од нив имаат луѓе ангажирани од фирми за обезбедување да одржуваат ред и растојание, но и покрај тоа, евидентни се метежите со луѓе пред влезовите. Кај дел од банките влегува кој како ќе стигне, се пожалија дел од тетовци.
-Нема никаков ред, се туркаат луѓето и никој не почитува никого и ништо, велат дел од луѓето кои се обидуваа да влезат во банките. Поради топлото време и здравствени проблеми, некои се откажуваат и одлучуваат да дојдат друг ден.
Во април, на почетокот на пандемијата со коронавирусот, припадници на Армијата во Тетово неколку дена соработуваа со полициските службеници за одржување ред за влез во објектите на банките, телекомуникациските компании и маркетите, каде што вообичаено се собираа повеќе луѓе. Но, тоа траеше неколку дена по што редовите пред овие објекти станаа секојдневие.
Ниту општина Тетово не презеде активности да се спречи оваа појава, а градоначалничката Теута Арифи неколкупати на прес-конфреенции побара од банките да најдат решение за ред и безбедност од ширење на коронавирусот. МИА