Редици граѓани од утринава се пред експозитурата на Алта БАНКА АД Битола. Тие велат дека сакаат да ги подигнат пензиите и вложените пари во банката откако Народната банка на Србија ја одзеде дозволата за работа на АЛТА банка а.д. Белград, објави Телма.
Дел од нив за Телма изјавија дека се „вознемирени“ по случувањата со банката во Србија и дошле за да го раскинат договорот. Според ниввните искази, вработени во банката ги уверувале дека побарувањата на сите граѓани се исплатени, но и дека банката работи до 13 часот во сабота па треба да дојдат во понеделник.
Од Народната банка информираат дека одземањето на дозволата за работа на АЛТА банка во Белград не значи автоматско одземање на дозволата на истоимената банка во Битола, која е самостојно правно лице и работи според македонските закони.
„Во врска со одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на ‘Алта банка’ а.д. Белград, Народната банка посочува дека оваа одлука се однесува на работењето на банката во Република Србија и сама по себе не значи автоматско одземање на дозволата за работа на ‘Алта банка’ АД Битола. Домашната банка е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Република Северна Македонија, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка. Народната банка, како надлежен супервизор ја следи состојбата и постапува во согласност со законските одредби“, соопшти македонската централна банка.
Народната банка ги следи и сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност. Во рамките на своите законски надлежности, Народната банка соодветно постапува и соработува со надлежните домашни и странски институции, со почитување на законските правила за доверливост на супервизорските информации.
Извршниот одбор на Народната банка на Србија на седница одржана утрово донесе одлука за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ од Белград, бидејќи банката, и покрај претходно преземените надзорни мерки, не успеала да ја стабилизира својата финансиска состојба и да ја подобри ликвидноста, додека во исто време растел ризикот дека нема да може да ги исполнува обврските кон клиентите.
„Утврдено е дека во претходниот период финансиската состојба на банката значително се влошила, како и дека постои можност за дополнително влошување на финансиската состојба или ликвидноста на банката, а со тоа и загрозување на интересите на депонентите“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на НБС.