Македонија е подготвена за дијалог со Бугарија со цел надминување на билатералниот спор, но бара извесност во евроинтегративниот процес и гаранции дека евентуалните уставни измени нема да бидат проследени со нови условувања. Ова го порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 35-годишнината од донесувањето на македонскиот Устав.
Според претседателката, комуникацијата со Софија останува отворена, додека паралелно се водат разговори и со претставници на Европската Унија за надминување на пречките на македонскиот европски пат.
Сиљановска-Давкова нагласи дека Македонија не бара привилегиран третман, туку еднакви правила и предвидливост во процесот на пристапување кон Унијата. Таа предупреди дека земјата не смее повторно да се најде во ситуација во која по исполнување на еден услов ќе следуваат нови барања.
„Ние само сакаме да не биде ова уште една измена заради измена по која ќе следи нова. Ние не сакаме да бидеме третирани поинаку од другите, едноставно сакаме да знаеме дека ако нешто мора, под наводници, да се направи, дека тоа нема да биде само едно од многуте, многуте други“, изјави Сиљановска-Давкова.
Осврнувајќи се на уставниот развој на државата, претседателката оцени дека македонскиот Устав претрпел голем број интервенции во изминатите три и пол децении. Според неа, досега бил менуван 36 пати, што го отвора прашањето за потребата од поголема внимателност и стручна анализа при секоја идна измена.
Во таа насока, таа упати препорака до претседателот на Собранието, Африм Гаши, почесто да ја свикува Комисијата за уставни прашања и во нејзината работа да бидат вклучени и независни експерти од областа на уставното право.
На одбележувањето се обрати и собранискиот спикер Африм Гаши, кој нагласи дека Уставот не треба да се гледа само како највисок правен акт, туку и како основа за стабилноста, демократскиот развој и општествената кохезија.
„Од нас се очекува континуирано да вршиме проценка и преиспитување на односот меѓу државата и општествената реалност од една страна и уставно-правното уредување на земјата од друга страна. Не смееме да престанеме да си го поставуваме прашањето дали овој Устав и овие закони успеале да изградат кохезивна држава“, порача Гаши.
Тој посочи дека уставно-правниот систем мора постојано да се преиспитува во согласност со општествените промени, притоа зачувувајќи ги демократските вредности и принципите врз кои почива државата.
Македонскиот Устав беше донесен на 17 ноември 1991 година, неколку месеци по референдумот за независност. Првиот парламентарен состав го усвои со 92 гласа „за“ и 22 „против“, поставувајќи ги темелите на уставно-правниот поредок на независна Македонија.
Триесет и пет години подоцна, прашањето за нови уставни измени повторно е во центарот на политичката дебата, овојпат директно поврзано со продолжувањето на евроинтегративниот процес и односите со соседна Бугарија.