(Видео) Протест пред СВР Охрид по нападот врз Сара Ѓорѓиеска: Шукова побара одговорност од институциите

by irena 19:59
19:59

Пред СВР Охрид вечерва се одржа мирен протест по физичкиот напад врз Сара Ѓорѓиеска, на кој беше побарано институциите да преземат конкретни мерки за спречување на родово базираното насилство, навремена заштита на жртвите и обезбедување независни истраги и судски постапки, без политички влијанија.

На протестот се обрати претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Каја Шукова, која порача дека насилството врз жените и фемицидите претставуваат сериозен општествен проблем за кој е неопходна системска реакција.

Според Шукова, проблемот не завршува со самиот чин на насилство, туку продолжува и низ институционалните постапки што следуваат, каде што, како што оцени, се забележуваат сериозни недостатоци во заштитата на жртвите и постапувањето на надлежните органи.

„Бараме да има сериозна превенција за да се спречат нови облици на насилство и нови фемициди. Бараме одговорност и да нема политички влијанија во процесот на истрага и судење. Бараме секоја жртва да биде заштитена. На секое јавување на жртва на семејно насилство, институциите веднаш да реагираат“, порача Шукова.

Таа нагласи дека одговорноста за спречување на насилството и заштитата на жртвите ја имаат сите надлежни институции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, полициските служби, обвинителството и центрите за социјална работа.

Шукова побара секоја пријава за семејно насилство да биде сфатена сериозно и по неа да се постапува навремено, со цел да се спречат нови случаи и потешки последици.

Во своето обраќање, таа истакна дека борбата против насилството врз жените не смее да биде предмет на политички поделби, туку заедничка обврска на целото општество.

Според неа, без оглед на политичката, верската или друга припадност, сите граѓани треба да бидат обединети во барањето за поголема институционална одговорност и безбедност на жените.

Протестот беше организиран како реакција на физичкиот напад врз Сара Ѓорѓиеска, а главната порака на присутните беше дека жртвите мора да добијат навремена заштита, додека институциите треба да обезбедат ефикасно и непристрасно постапување.

Слични вести