Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 1.490.154 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 87.317, а оздравеле 319.017 луѓе.
– Бројот на смртни случаи од епидемијата на Ковид-19 во италијанскиот регион Ломбардија, кој е епицентар на заразата во таа земја, се зголеми за 238 и достигна 9.722 починати. Бројот на починати во Италија се зголеми за 542, на вкупно 17.669 лица, додека бројот на новозаразени случаи се зголеми за 3.836, достигнувајќи 139.422, соопшти Агенцијата за цивилна заштита.
– Велика Британија забележа рекордни 938 нови смртни случаи од коронавирусот во последните 24 часа. Со тоа бројот на починати во земјата достигна 7.097, соопшти британското Министерство за здравство. Истовремено, здравствената состојба на премиерот Борис Џонсон се „подобрува“, тој контактира со медицинскиот персонал, но останува на интензивно лекување.
– Во Бугарија само во текот на вчерашниот ден во регистарот на невработени се воведени вкупно 7.424 лица, од кои 5.845 изјавиле дека го загубиле работното место поради кризата со коронавирусот, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
– ЕУ би требало да ги продолжи до средината на мај ограничувањата за патувања, соопшти Европската комисија во врска со вонредните мерки кои имаат за цел да се спречи ширењето на Ковид-19.
– Околу 60.000 Американци би можеле да починат во пандемијата на коронавирусот, според моделот на проценка, кој честопати го наведуваат американските креатори на државната политика, а со кој се предвидува 26 процентно намалување на смртните случаи.
– Округ во централниот дел на Кина повторно е ставен под карантин, откако епидемијата на коронавирусот повторно изби во него, објави порталот Блумберг.
– Канадскиот премиер Џастин Трудо се врати на работното место по 14-дневна самоизолација.
– Американската сојузна држава Њујорк забележи денеска најголем број смртни случаи од почетокот на пандемијата – 779 луѓе.
– Во Европа досега од новиот коронавирус починаа повеќе од 60.000 луѓе.