Реално шоу број 2

by Фокус

Пишува
Офелија ДИМКОВСКА

Во вториот предлог за реално шоу, главниот јунак е министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Ја претвораме во „обична“ жена и може да бира дури две варијанти: да биде домаќинка со три деца и маж-таксист или самохрана мајка на која мажот не ѝ дава алиментација за трите деца кои им се заеднички од времето кога биле вмровци и верувале во кампaњата „трето дете“.

Значи, таа во првиот случај зависи од парите што ќе ги донесе мажот, кој понекогаш работи и по десет часа во оние фини такси-компании (неа во сегашната улога ѝ се добро познати), во кои станува збор за петнаесетина илјади фиксна плата.

Таа е домаќинката што треба цел ден да биде со децата, да ја одржува куќата, да ги храни здраво со парите кои државата ѝ ги дава за трето дете. Со тие пари да ги прехрани и да ги облече сите три, а ако реши да прати барем едно во градинка, половина од бенефицијата ќе треба да оди на тоа. Значи, нема градинка!

Камерата е вклучена, па да видиме како ќе се снајде. Утро е, децата станале рано, таа трча по ѓевреци и бурек, кој ѝ е крив што од вчера не се снабдила со леб, но има и солуција, може да пржи мекици, ако некое од децата во меѓувреме го чува најмалото. Да, таа нема време ниту да се исчешла, а камоли да се испегла, па така запуштена со штипка во косата се обидува да побара помош од своите верни полицајци, да ѝ донесат нешто храна или да ја префрлат бесплатно до некаде. Каде да оди, инаку, со автобус и со три деца и количка. Пари за такси – нема!

Мажот ѝ навечер доаѓа уморен, бара да јаде, се буни поради тоа што месо не видел цел месец и пак на масата има компири, а таа лута му вели: толку од твојата плата.

Сите мртви уморни легнуваат да спијат зашто наредниот ден ги чека исто како и претходните.

Издржете Гордана, ние сме со вас! Па, ова е само месец дена од животот на народот чија министерка сте вие. Па, вие ги поддржувате овие прекрасни животни услови во кои живее народот, а не ги знаете воопшто. Со нешто повеќе од триста евра сосе државната поддршка за децата треба да го преживеете месецот, драга министерке. Ако ве нервира мажот, ја имате втората солуција – да бидете разведена жена во државата Македонија. Да ги обивате вратите на судовите и социјалните затоа што само така можете да го натерате вашиот сопруг да ви плати алиментација, а тој не е од дарежливите.

Во случај да има поткуплив адвокат, вашиот предмет ќе се загуби некаде по фиоките, па нема никогаш да ги добиете парите што ви ги должи за да ги гледате заеднички децата. Треба да ја знаете неговата филозофија, баш е балканска, а впрочем, министерката пред да стане „обична“ жена, немала таков проблем за да интервенира кај своите колеги министри по женското прашање. Напротив. Таа ќе може на своја кожа да почувствува како е да има три деца (што не ги раѓала во приватни клиники), тешко со оглед дека и покрај залагањето други да имаат три, таа нема ниедно. Во вистинскиот живот зборуваме, де.

Затоа е убаво да се сними ова реално шоу. Министерката без привилегии, во кожата на жената од вмровските реклами „твоите ќе ни купат количка моите креветче, нема да фрламе пари на кафеани, ќе си чуваме бебе“.

Не ги смисливте вие овие реклами, госпоѓо министерке? Сеедно, кревавте рака за да се фрлат пари на нив.

Затоа нема фустани, кринолини, премиери, нема парадирање пред полициски водови, скапи капути и службени црни автомобили. Во реалното шоу немате автомобил. А и да имате, нешто му фали: или акумулатор или не е регистриран. А, казните, барем вие ги знаете. Колку целата ваша плата ќе ви бидат. Не ви е лесно? Па, ова е само шоу. Замислете навистина да ви се случува. Не можете да замислите, се разбира…Такво нешто може само да се доживее.

Поврзани новости