Азербејџан: со секој пост на Твитер, завршуваш зад решетки!

by Фокус 19:43
19:43

Според надлежните институции во Азербејџан, интернетот е слободен и целосна независност имаат сите медиуми. Ваква е барем мантрата што постојано се повторува во државата и на меѓународните форуми. Но што се крие зад овие ветувачки изјави?

Во својот воведен говор на третиот Хуманитарен форум во Баку во октомври 2013 година, претседателот на Азербејџан Илхам Алијев гордо објасни како државата брзо ги има развиено своите интернет технологии.

Тој зборуваше за постоечката интернет технологија и за медиумите, кои се „целосно слободни“, убедувајќи  ја публиката дека „нема никаков сомнеж за постоење на било каков владин притисок врз нив“.

- Advertising -
"

Вистина е дека во првите години од независноста Азербејџан стигна далеку во однос на развојот на технологијата. И не е ништо чудно што минатата година токму Азербејџан беше домаќин на Internet Governance Forum (IGF), годишна средба промовирана од Обединетите Нации на која се дискутира за јавните прашања во врска со интернетот.

Значи сè изгледа добро, па дури и неодамнешното лансирање на сателит и сè поголемиот развој на инфраструктурата.

Но, ако погледнеме под површината на позитивните изјави на претседателот за целосната слобода и за непостоечкиот притисок на власта врз интернетот и врз медиумите  во  Азербејџан, приказната што се развива е сосема различна.

Вистината, всушност, е радикално поинаква.

ЛАЖНА СЛОБОДА

Навраќајки се во 2012 година, кога Азербејџан гордо ги отвори вратите на седмиот Меѓународен интернет форум, имаше многу надеж дека врз Владата ќе влијае фактот што е домаќин на ваков настан од меѓународен размер – дека ќе ја сфати големата важност од гарантирањето на слободни медиуми и слободен интернет и ќе ја насочи земјата кон неопходните реформи.

За жал, ништо од ова не се случи. До мачнина беше повторувано од владините претставници дека во земјата нема никаков проблем поврзан со почитувањето на човековите права, слободата на медиумите или прашања поврзани со слободата на интернетот. Парадоксално, додека 1.500 меѓународни делегати учествуваа во сесиите на форумот, најмалку осум новинари и тројца активисти за човекови права беа во затвор. Да не ги споменуваме момчињата и девојките кои беа приведени само затоа што објавиле нешто онлајн.

Една година подоцна, истата приказна се повторува за време на осмиот меѓународен форум кој се одржа во Бали, Индонезија. Една од сесиите беше насловена “Отворениот форум на Владата на Азербејџан гради мостови: елиминирањето на дигитализацијата разделува“. Беше собрана група луѓе кои мислеа исто, се фалеа меѓусебно, го коментираа меѓусебното дружење – сето тоа само за да не излезат на виделина прашањата кои се навистина важни за Азербејџан.

Оваа ситуација беше прекината од едно прашање од публиката кое се однесуваше токму на почитувањето на човековите права во Азербејџан и потиснувачките интервенции на Владата.

“Можам мирно да речам дека не постои значајна злоупотреба на човековите права или на слободата на израз во Азербејџан“ рече Нариман Хаџијев, преставник од Азербејџан во Обединетите Нации.

Во моментот додека ја даваше оваа изјава, девет новинари, двајца блогери и двајца активисти за човекови права беа притворени, само затоа што го искажале своето мислење на интернет.

Неодамнешниот извештај објавен од Институтот за слободни и безбедни репортери (IRFS) за Азербејџан ја опиша слобода што ја пропагира владата, како „лажна“, споменувајќи ја дилемата со која Азербејџан се соочува: од една страна го проширува секторот на информатичка технологија, а од друга, се плаши од последиците што овој прогрес може да ги донесе.

„Нашиот извештај го нагласува влошувањето на ситуацијата после одржувањето на меѓународниот форум“, потврдува Емин Хусејнов, основач на Институтот за слободни и безбедни репортери.

„Една од негативностите е проширувањето на кривичните казни за клевета и врз онлајн содржините, а да не го спомнувам и зголемениот број апсења на активистите за човекови права и на оние кои се борат за слободата на изразувањето“, вели тој.

„Кој има уште храброст да го практикува правото на збор, тоа го прави на сопствен ризик“, пишува блогерот од Азербејџан Али Новрузов, во едно свое видување за слободата на говорот.

„Од техничка гледна точка интернетот е слободен, но во реалноста има многу политички и социјални пречки кои го забрануваат уживањето на таа слобода. Во нашата земја може  да се остварува слободата на изразувањето, но на свој ризик. И како ова правило да е напишано во еден невидлив договор, до моментот кога некој ќе го отвори својот пребарувач. Слободен си како активист да споделуваш критички материјал онлајн, но потоа последиците се сериозни и оставен си сам на себе за да се соочуваш со тешките реакции на надлежните органи кои се обидуваат да го контролираат интернетот“, нагласува Новрузов.

Но, Владата на Азербејџан не се согласува со ова. Помеѓу 3-ти и 5-ти декември 2013 година, земјата беше домаќин на првиот регионален интернет форум. Додека се случуваше настанот, новинарот близок до опозицијата, Натиг Адилов, беше свикан во централното седиште на полицијата во Баку, каде што му било побарано објаснување во врска со негови ставови објавени на Фејсбук. Неколку недели претходно, Алтај Гојушов, академски професор, беше избркан од работа од државниот Универзитет на Баку поради неговиот онлајн активизам, додека блогерот Рашад Рамазанов е осуден на 9 години затвор за трговија со дрога. Веднаш по регионалниот форум, судот на Баку го осуди директорот на еден локален интернет портал, Нижат Алијев, на 10 години затвор за поседување дрога.

КАДЕ Е ВИСТИНАТА?

И тогаш каде е вистината? Државните функционери тврдат дека нема проблеми, и покрај големата бројка уапсени и извештаите каде што се лоцираат сериозни прекршувања на човековите права.

Според индексот на демократија од 2012 година, изготвен од Единицата за економско разузнавање, Азербејџан е на 139-то место (не многу далеку од Кина) во светот од вкупно 167 мониторирани земји. Freedom House во својот годишен извештај насловен како „Слободата во светот“, го класифицира Азербејџан како „неслободна“ држава.

Сепак, со се поголемиот развој на интернет технологијата, поддржувачите на слободата на говорот успеваат да најдат начини да објавуваат новости, да објавуваат твитови, да ги надминат ограничувањата и да ги отворат цензурираните веб страни.

Владата на Азербејџан придава голема важност на својата репутација и на својот имиџ надвор од државата, но за да се заштити не е доволно само да биде домаќин на форуми и на меѓународни конференции. Не се доволни празните изјави и изобличувањето на фактите. Можеби е време да сфати дека вистината засега е многу далечна.

Автор: Arzu Geybullayeva 

Овој текст во оригинал е објавен на веб-порталот Osservatorio Balcani e Caucaso.

Поврзани новости