Реакција: Општина Ѓорче Петров не криела дека имало деца и наставници што патувале во Италија

by Fokus

Во текот на вчерашниот ден од страна на веб порталот www.fokus.mk е објавен текст со наслов „Училиште од Ѓорче Петров 17 дена „крие“ дека имало деца и наставници што патувале во Италија”. Во самиот текст е наведено дека ученици и наставен кадар заминале на мобилност во Република Италија и за истата мобилност од страна на засегнатите институции била скриена информацијата.

Како донатор на проектот, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (натаму НА) сакаме да ја информираме јавноста дека од страна на засегнатото училиште пред заминување на мобилност беше побарано мислење во однос на реализација на мобилноста и за истата добија позитивно мислење, бидејќи до тој момент од страна на Националната агенција на Република Италија бевме информирани дека нема забрана за реализирање на мобилности. Во конкретниот случај, мобилностите се одвиваа во јужните делови на Република Италија, поточно во Сицилија, каде во тој период немаше регистрирани случаи на заразени од вирусот Covid 19.

Авторката на текстот, штом децата и наставниците се вратија во државата, побара информација од општината од каде и беше објаснето дека тие се вратени на училиште, поради тоа што во регионот каде патуваа во тој момент немаше прогласено карантин или вонредни мерки и оти локалната самоуправа чека насоки од централните власти што натаму и штом ги добие, веднаш ќе постапи по истите.

Општината не ја криеше информацијата.

Во меѓувреме, управата на училиштето навремено го извести Институтот за јавно здравје дека 4 ученици и 2 наставнички од 17 до 22 февруари се во Палермо, Италија. Побарана е писмена информација како натаму да се постапи. Бидејќи не е добиена благовремена писмена информација, веднаш се побарани и усни насоки. Во телефонски разговор е констатирано дека учениците и наставниците треба да доаѓаат во училиште, бидејќи не патувале во кризните региони во Италија. Во исто време, Владата испрати и допис во кој се конкретизираат критичните подрачја, а местото на кое беа децата и учениците не беше на листата.

Училиштето навремено го извести Министерството за образование и наука (МОН) за патувањето како и за тоа дека при целото движење се користеле заштитни мерки. На 25 февруари, МОН е информиран и затоа дека следното патување во Италија треба да се случи од 8 до 14 март и истото се откажува поради информацијата добиена од Националната агенција за состојбата со коронавирусот.

Во училиштето извршена е и навремена дезинфекција на просториите и училишната опрема. Училиштето ги испочитува сите протоколи, усни и писмени насоки од сите релевантни институции, вклучувајќи ги и оние од здравствените власти за превентивно постапување.

Поради сезонски грип, едно од децата не посетувало настава и за тоа има документ доставен од родителот. Тоа дете е сега во добра здравствена состојба. Другите деца и наставници, исто така, се во добра здравствена состојба и редовно ја посетуваа наставата заклучно со вчерашниот ден.

Училиштето ја поседува целата документација во однос на патувањето и дописите по патувањето и сите документи може да се стават на увид.

Во меѓувреме, ги следиме препораките на Владата на Република Северна Македонија. Од денеска се ставаат во мирување сите планирани мобилности, а на веќе започнатите мобилности им се препорачува истите да се прекинат и учесниците да се вратат во своите матични држави.

Апелираме во време кога во државата се засилуваат мерките за превенција од Covin 19 вирусот, медиумите да бидат повнимателни со вестите кои дополнително создаваат непотребна паника и професионално да ги проверат информациите пред јавно да ги објавуваат.

Со почит,

Општина Ѓорче Петров

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност

 

Поврзани новости