Реакција на ССНМ: Лустрирајте, новинарите ќе преживеат

by Фокус 14:59
14:59

„Најавите и информациите за лустрирање на актуелни и проминентни новинари кои во јавноста се препознаени како носители на критичката мисла и интегритетот на професијата за ССНМ не е ништо друго туку уште еден неуспешен обид за дискриминирање и етикетирање на сите кои што не влегуваат во дефиницијата на „новинарството“ по вкусот на владејачката гарнитура, се вели во соопштението на Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, по најавата дека Комисијата за верификација на фактите сака да лустрира и одредена група новинари.

ССНМ оценува дека „нападот врз професионалните новинари без оглед каков облик и да има е напад врз темелите на професијата која се покажа посилна од сите досегашни атакувања, а така ќе биде и во иднина, со други зборови лустрирајте, етикетирајте, навредувајте, новинарите и новинарството ќе (ве) преживее!“.

- Advertising -

Синдикатот смета дека оваа лустрација е само продолжение на практиката таа да се ползува како инструмент за политичка пресметка со сите оние со кои некој смета дека треба да се пресмета.

„Лустрациите од овој вид (како што беше, конечно, лустрацијата на Славко Јаневски, па и на повеќето други лустрирани) само ја покажува желбата за одмазда од страна на политичките носители на системот кон сите механизми на нивна контрола, особено кон оние го штитат интересот на јавноста, а тоа секако се професионалните новинари. Затоа ССНМ до сите свои членови и симпатизери упатува порака да останат рамнодушни и со индигнација да ги отфрлат сите обиди за нивна или за дискредитација на нивните колеги. Интегритетот, честа и угледот на новинарите не можат да бидат нарушени со никакви обиди за омаловажување, навреди, етикетирања и лустрирања, како што впрочем не можат со сила ниту да бидат наметнати. За нив суди јавноста, работата на самиот новинар и поддршката што ја добиваат од своите колеги“, се нагласува во реакцијата.

Поврзани новости