Јавноста ги препозна лицемерието, деструкцијата и блокадата на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ кое очајно се обидува да го блокира спроведувањето на зацртаните реформи за кои гласаше мнозинството граѓани и кои носат повисоки плати, нови работни места, независни институции и подобар живот за сите, реагира СДСМ на тврдењата на пратеникот на опозицијата Драган Данев дека владејачката партија само декларативно сака инклузивност и соработка со опозицијата.
„Додека Драган Данев обвинува за блокади, токму тој и неговите партиски колеги во Собранието на секаков начин се обидуваат да ја опструираат работата на Собранието и собраниските тела. Преку формирањето десет пратенички групи во Собранието, преку лицемерното поднесување на седумстотини амандмани за буџетот кои ВМРО-ДПМНЕ експресно ги одбиваше додека беше власт и преку скандалозното однесување на претседателката на Комисијата за финансирање и буџет од нивните редови, ВМРО-ДПМНЕ докажа не ја интересираат граѓаните, туку дека се грижи единствено за интересите на партијата“, се вели во реакцијата.
Од партијата додаваат дека и покрај сите блокади и опструкции од страна на ВМРО-ДПМНЕ, парламентарното мнозинство предводено од СДСМ ќе ги исполни дадените ветувања за повисок животен стандард, нови работни места и професионални институции.