Министерството за култура реагира во врска со изјавата на градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, за доделените средства од страна на Министерството преку Годишната програма за култура на фестивалот „Макфест“, која ја пренесе „Фокус“.
„Известуваме дека фестивалот аплицираше за сума од 1,6 милиони денари, при тоа му беа одобрени 1 милион денари или над 60 отсто од побараните средства, идентично како и кај многу други апликации затоа што Министерството ги помага проектите, а не ги финансира целосно.
За разлика од претходните години кога на Фестивалот му се одобрувале по 400.000 денари годинава им се доделени средства за 2,5 пати повеќе. Ако е точно, како што изјавува градоначалникот на Штип, дека за одржување на Фестивалот му се потребни 6 милиони денари, односно 100 илјади евра, тогаш и да се одобрела целата сума од 1,6 милиони денари која била побарана, повторно на Фестивалот ќе му недостига поголем дел од сумата за да ги покрие трошоците.
Министерството за култура апелира да не се манипулира со бројките и сумите и да не се дезинформира јавноста дека институцијата има намера да го минимизира значењето на „Макфест“ и да го доведе во прашање неговото одржување“, стои во реакцијата на МК.
Инаку, Јорданов изјави дека Општина Штип ги прифати одобрените средства од Министерството за култура за музичкиот фестивал „Макфест 2024“ кои изнесуваат 1.020.000 денари, но, како што истакна, таа сума не е доволна за да се организира и одржи настанот на едно ниво кое доликува на манифестација од ваков калибар.