Меморандумот со кој му се претставивме на светот во август 1991

by Фокус

Документот беше објавен од нашиот МНР во август 1991 година и стана официјален документ на нашата самостојна држава во битката за меѓународно признавање.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Се подготвуваме за конференцијата. Во разговор со претседателот, во август 1991 година, заклучивме дека е потребно со документ да ја дефинираме меѓународната позиција на Македонија и нашиот иден статус во југословенската заедница.

Меморандумот, по углед на оние кои ги имаа објавено Словенија и Хрватска требаше да биде наша легитимација на претстојната Конференција за Југославија која ја организираше ЕЗ под претседателство на лордот Питер Карингтон. Текстот го напишав во мојот скопски стан во поткровје во коешто тие вечери температурата беше 30 степени целзиусови.

Што да се напише во Меморандумот? Се разбира, иднината не ми беше позната, уште помалку фазите низ кои ќе минува кризата во Југославија.

Сега, триесет години подоцна, покрај од искуство, за југословенската криза читам од книгите на разни автори распослани на мојата работна маса.

Тогаш, пред себе имав само празни листови хартија на кои го напишав рачно, зашто немавме компјутери, насловот „Меѓународната позиција на Република Македонија и нејзиниот статус во југословенската заедница“.

Уште на почетокот ми стана јасно дека не само што не ми беше позната иднината, туку не ми беше позната ниту сегашноста.

Имено, информациите што ги добивав за состојбите во Југославија и за односот на меѓународниот фактор кон кризата, доаѓаа од весниците и од телевизијата.

Никогаш во текот на моето министерување не добив доверлива информација што би можела да ми послужи како некаков патоказ во дефинирањето на меѓународната позиција на Македонија.

Значи, единствениот патоказ беа моите лични убедувања. Беше тоа еден уникатен момент во македонската историја кога насилниот распад на федерацијата не остави сами да се снаоѓаме како знаеме и умееме.

Текстот на меморандумот го погледнавме утредента со претседателот Глигоров. Без никакви забелешки, тој предложи да му го дадеме на увид на пратеникот на претседавачот на ЕЗ, холандскиот министер за надворешни работи Ханс ван ден Брук, амбасадорот Анри Вејнандс, кој дојде во Македонија…

И неговата реакција беше апсолутно позитивна… Значи, документот беше објавен од нашиот МНР во август 1991 година и стана официјален документ на нашата самостојна држава во битката за меѓународно признавање.

МЕМОРАНДУМ

Еве го преводот на текстот што го напишав на англиски јазик.

„Дезинтеграцијата на економскиот и на политичкиот систем на Југославија, во формата во која што опстојуваше досега, не соочува со нужноста од фундаментална реконструкција на државата.

Овој процес на реорганизација на односите меѓу југословенските републики треба да кореспондира со европските процеси за правата на народите.

Тоа значи дека почитувањето на независната и суверената позиција на секоја од државите е предуслов за повисоки форми на интеграција.

Двете опасности за европските процеси се сецесија и унитаризам во Југославија, а нивниот заеднички именител е – националниот егоизам.

Идната политичка структура на земјата треба да ги одбегне овие опасности затоа што тие се извор на перманентни етнички конфликти.

Воведувањето на повеќепартиски систем и парламентарна демократија во Југославија ја промени нејзината политичка карта, елиминирајќи ја главната сила на кохезија – Комунистичката партија.

Бидејќи претходно постоеше фактичка партиска моќ паралелно со, повеќе или помалку, формална уставна рамка, исчезнувањето на Партијата ги стави на проба политичките институции.

Неподготвени да функционираат во новата ситуација, државните органи во републиките, како и тие во федерацијата често ги зафаќа парализа. Сметаме дека демократијата која што, исто така, ја овозможи појавата на многу анти демократски алтернативи, би требало, во еден мирен процес на развој на рамноправни држави да ги покаже предностите од заедничкиот живот или да го отвори патот кон мирна и цивилизирана дисолуција.

Тоа претпоставува умереност на политичките погледи, но исто така и на политичките дејствија.

СОЈУЗ НА СУВЕРЕНИ ДРЖАВИ

Доколку единството на една мултинационална држава е работа на степен, свесни сме дека степенот на интеграција денес, не може да биде поголем од оној што постоеше во еднопартискиот систем.

Самиот факт што се воведе плурализам во голема мерка ја децентрализира моќта на претходната држава.

Оттаму, инсистирањето на поголемо единство во услови кога демократијата ги прави своите први чекори, кога секој од народите се привикнува на новите услови на политичкиот и економскиот живот, кога политичките опции не се во состојба да ги преминат границите на националните држави за да се поврзат со тие на другите држави, е обид да се реставрира стариот систем.

Таквата политика води во директни конфликти со силите што се залагаат за поголема лична и национална автономија кои, пак, се производ на демократскиот процес.

Сецесија, вториот облик на национален егоизам, го става во движење процесот на центрифугални сецесионистички тенденции, кои нужно не запираат на границите на републиките.

Политика која не се грижи за позицијата на други народи и политиката на „fait accompli “ ги отвора можностите за конфликти и војни.

Нема потреба да се подвлекува дека таквите политики се во спротивност со цивилизираните правила на демократското поведение.

Иднината на југословенската интеграција ја гледаме како сојуз на суверени држави.

Тоа претпоставува постоење на силни конфедерални елементи кои би дозволиле непречен „нерамномерен развој“ во смисла дека народи кои можат да се развиваат побргу – тоа треба да го прават.

Таквата заедница на држави мора да гарантира еднаква стартна позиција за секоја од државите членки.

Договорот би требало да санкционира нешто што би можело да се нарече еквидистанца од центарот, т.е. од конфедералните институции.

Подоцна, во процесот на развојот на демократијата, државите може да градат повисоки форми на интеграција на начин и со тие со кои имаат интерес да го сторат тоа.

Доколку не се постапи вака, тогаш ќе се загрози целиот концепт на рамноправност меѓу нациите, што од своја страна ќе има сериозни последици врз развојот на демократијата.

ЕКОНОМСКА ЦЕЛОВИТОСТ

Само политика која целосно ја почитува независноста и суверената позиција на секоја република може да ги смири денешните силни национални чувства, овозможувајќи енергијата на народите да се сврти кон развој на демократијата.

Народи исплашени за својот национален опстанок имаат тенденција да се хомогенизираат, градејќи така брана против демократијата.

Ете зошто е важно, во периодот на мораториумот, да се склучи договор со кој ќе се гарантира комплетната рамноправност на републиките.

Тој договор би бил добра основа за потрага по нови форми на интеграција кои, ослободувајќи ги народите од стравовите за нивниот национален опстанок, ќе се развиваат преку слободниот проток на луѓе, стоки и капитал.

Всушност ова е начинот на демократијата да и се даде шанса да ги покаже предностите на сите форми на колективизам – комунистички или националистички.

На начин на кој што ќе се менува југословенската интеграција, треба да се менува и армијата (ЈНА).

Во периодот на транзиција кон сојуз на суверени држави, армијата треба да одбегнува употреба на сила во разрешувањето на бројните и неизбежни политички конфликти.

ЈНА мора да најде начин да се прилагоди на процесите на промени и демократизација.

Употребата на воена сила во една комплексна мултинационална заедница, чии проблеми можат успешно да се разрешат само преку политички дијалог води, независно од желбите на тие што ги употребуваат, до експлозија на незадоволство и отпор.

Умереноста, толеранцијата и почитувањето на позицијата на другите е составен дел на политиката на Владата на Македонија.

Постојано истакнуваме дека процесот на развојот и еманципацијата на нациите ја наложува и промената во нивните односи преку поголема автономија.

Од друга страна, Европа како економска, политичка и правна целина е доминантната тенденција на Континентот.

Затоа, нужно е да се почитуваат националните стремежи на народите на Југославија, но и на европските процеси на интеграција и единство, чиј составен дел сакаме да бидеме.

Создавањето на сојуз на суверени држави би можел да ги задоволи политичките, културните и економските аспирации на народите на Југославија и би можел да создаде добри односи кои почиваат врз заемни интереси.

Ова од своја страна може да отвори нови патишта за повисоки форми на економска и политичка интеграција.

Неопходно е да се сочува економската целовитост на Југославија затоа што нејзината фрагментација и создавање на заемно антагонизирани држави ќе не одведе во сиромаштија.

Од овие причини, сочувувањето на југословенската интеграција како сојуз на суверени држави кој би се движел кон интегрирана Европа е решение што ги зема предвид како процесите во земјата така и тие на континентот.

ГО ОТФРЛАМЕ КОМУНИЗМОТ И НАЦИОНАЛИЗМОТ

Меѓутоа, сегашните настани во Југославија кои ги карактеризира агресија и национален егоизам, не принудуваат да се подготвуваме за целосна независност. Државата Македонија ја гледаме како стабилизирачки фактор на Балканот.

Подготвени сме да покажеме дека демократијата е можна со мирен живот со членови на други националности, религии и политички убедувања.

Подготвени сме за конструктивна соработка со нашите соседи и со други земји во светот.

Се сметаме себеси за дел од европските интеграции (хексагоналата, соработката на европските региони, билатералната соработка со членките на ЕЗ…).

Конечно, заедничката граница со ЕЕЗ е гаранција дека односите со Грција ќе се одвиваат согласно европските стандарди на поведение.

Иако сметаме дека постоењето на разни нивоа на развој во Југославија не се пречка за пристапување кон ЕЕЗ, спремни сме да работиме самостојно за наше место во оваа интеграција.

Тоа, се разбира, претпоставува фундаментални домашни  реформи, како економски така и политички и културни.

Македонија е свесна за фактот дека измешаноста на народите на Балканот го прави невозможно создавањето национални држави со праведни граници.

Затоа се залагаме за заштита на правата на сите национални малцинства и етнички групи на Балканскиот полуостров.

Стремејќи се кон Европа без граници сметаме дека националните права на народите се, всушност, дел од личните права и слободи на секој поединец.

Ние како потписници на Европската и на Повелбата на ОН за човекови права, ќе ги исполниме нашите обврски.

Реформирајќи ја Македонија ние го отфрламе комунизмот, но исто така го отфрламе и национализмот како нов облик на хегемонија врз душите на луѓето.

Ние сме свесни дека националниот егоизам води не само кон политички туку и кон економски и воени конфликти.

Воените конфликти веќе го собираат својот данок во крв во многу делови на Југославија.

Економските конфликти ја зедоа формата на економски војни за конфискација на сопственоста, бојкот и ембарго.

Националниот егоизам се манифестира и во форма на договори на две страни на сметка на трета.

Затоа Македонија цврсто изјавува дека никој нема право да зборува во името на друг народ, уште помалку, да прави планови за неговата иднина.

Договори на сметка на други е постојан извор на конфликти и нестабилност , лишувајќи не од тој незамнлив елемент на демократскиот живот – заемна доверба.

Особено во овој период на транзиција, демократското поведение е тоа што го брани правото на секоја нација во Југославија да ги дефинира сопствените интереси, приспособувајќи ги на интересите на другите нации.

Раководени од овие принципи и стремејќи се кон мир, прогрес и демократија, граѓаните на Македонија на 8 септември 1991 година ќе ја искажат својата волја на референдум одговарајќи на прашањето: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, а со право да се приклучи кон идниот сојуз на суверени држави на Југославија“.

Поврзани новости