Реакција на Ѓорѓи Теневски, донатор на ВМРО-ДПМНЕ: Господине Груевски и членовите на ДПМНЕ бараат оставка од Зврлевски

by Fokus

Реакција на објавата на ВМРО ДПМНЕ за оставката на Марко Зврлевски од член и донатор на ВMРО ДПМНЕ, Ѓорѓи Теневски, поранешен генерален директор на Јака Табак а.д. Радовиш. Неговата реакција ви ја пренесуваме во целост:

Не, господине Груевски, и членовите на ВМРО ДПМНЕ бараат оставка од јавниот обвинител Марко Зврлевски

Господине Груевски, престанете со вашите налудничави барања и реакции во името на поголемиот дел од членството на ВМРО ДПМНЕ, туркајќи не во омраза, срам и криминал заради твојата нескротлива алчност и злоба, туркајќи не сите нас по работ на пеколот сѐ подалеку од нашите сограѓани желни за слобода и правдина.

Господине Груевски, вие не сте наш лидер одамна веќе, од моментот кога ги изневеривте нашите реални очекувања за една подобра и посреќна Македонија. Вие сам го избравте патот кон пеколот во кој неоправдано не туркате и нас самите, создавајќи општество на поробени граѓани, измачени од секојдневната тортура на фашизоидните криминални институции кои ги создадовте токму вие, да ви служат само вам и на вашата мала злосторничка дружина. Доста е!

Јавниот обвинител Марко Зврлевски мора да си даде оставка не само заради моралните причини кои се составен дел на неговата функција и барањето на граѓаните за вистинска реформа на криминалниот правосуден систем, туку и токму заради Вас и неговиот обид да ве заштити во низата злосторнички дела кои ги сторивте и ја доведовте државата на работ на пропаста.

Господине Груевски, престанете со вашите лажни обвинувања кон чесните и морални граѓани на оваа наша татковина, зошто токму Вие, како лидер на партијата ни изнуди половина милион евра донации, кои пари воопшто не сте ги ставиле на сметка на партијата, туку во својот џеб. Или можеби сметате дека тоа на своја рака го направила Гордана Јанкуловска? Срам да ви е, вие немате никакво морално право да зборите за нечиј криминал и корупција.

Господине Зврлевски, послушајте го советот на премиерот Заев и пднесете си неотповиклива оставка.

Тоа не е само заради моралните причини за таквиот ваш чекор со кој вистинските правосудни реформи побрзо би отпочнување како приоритет на граѓанското оштество и агендата на новата Влада, туку таквиот чекор би бил неопходен и заради “високиот степен на сомнеж” дека токму Вие свесно сте прикриле значајни докази во предметот Каса Прими на Загорац Тумбовски против Гордана Јанкуловска, а особено фактот дека постојат сведоци и други материјални докази кои ја потврдуваат вистинитоста на исказот на Тумбовски и оправданоста за поднесената кривична пријава.

Имено јас, Ѓорѓи Теневски, поранешен генерален директор на Јака Табак а.д. Радовиш, бев лично посочен за сведок од страна на Загорац Тумбовски, но и покрај тоа, Вие како Јавниот обвинител на РМ, со цел да ѝ противзаконито помогнете на тогашниот министер за внатрешни работи и генерален секретар на партијата ВМРО ДПМНЕ Гордана Јанкуловска, воопшто не ме сослушавте како сведок во постапката.

На овој начин, обвинителството и јавноста беа директно спречени да дознаат за одредени факти за кои јас сум сведок, но и тоа дека постојат и други донатори и Каса Прими потпишани од Гордана Јанкуловска за примениот кеш како донација за партијата, а кои средства не биле уплатени во касата на партијата, ниту биле употребени за намената согласно законот.

Вие господине Зврлевски, максимално се обидовте да ја релативизирате кривичната одговорност на врвни функционери во ВМРО ДПМНЕ изјавувајќи го за јавноста следново: “Ќе го разгледаме случајот, но тој е со низок степен на сомневање. Имаме само еден човек кој вербално обвинува и толку…“, што апсолутно не кореспондира со реалноста, односно дека Загорац Тумбовски не бил сам кога ги предавал средствата на Јанкуловска, ниту пак бил единствениот кој уплатил ќеш донација во тој момент, дека постојат мноштво на материјални докази за овој пријавен кривично правен настан.

Јавноста мора да ја знае вистината и тежината на оваа ваше прикривање, односно ваше непостапување согласно закон, дека тоа не е само прикривање на дела како што се Злоупотреба на службена положба, Измама, Изнуда, Перење пари, Незаконито финансирање изборна кампања и дуги дела .кои им се ставаат на товар на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и генералниот секретар Гордана Јанкуловска, туку и тоа дека овие дела се директна причина за упатување во притвор или затвор на над 30 невини граѓани – жртви на една невидена хајка, тортура и незаконито постапување, осмислени и реализирани токму од истите тие осомничени лица.

Затоа, господине Зврлевски, дадете си оставка од функцијата Јавен обвинител на РМ затоа што со своите постапки директно “го зголемувате степенот на сомнение” дека и Вие сте биле инволвирани во дејствувањето на едно злосторничко здружение кое било формирано со цел да изврши прогон и тортура на мноштво невини граѓани на оваа држава. Мој совет: прифатете ја сугестијата на премиерот Заев – дадете си неотповиклива оставка!

 

Поврзани новости