Доскорешниот началник на Генералштабот на АРМ, Горанчо Котески, кој од функцијата беше разрешен вчера, е поставен за државен советник за одбранбени и стратегиски прашања и ќе му биде советник за воени прашања на врховниот командант на АРМ, претседателот Ѓорѓе Иванов.
Едни од првите негови задачи ќе му бидат активностите за следниот самит на НАТО во Варшава и подготвување на стратегиските документи за системот за одбрана и членството на Македонија во НАТО.
Армијата периодов беше во фокусот поради тоа што тригодишниот мандат на генералот Котески беше истечен една година, а претседателот Ѓорге Иванов ниту му довери нов мандат, ниту назначи нов началник на ГШ на АРМ. Дури вчера Котески беше разрешен од функцијата која една година ја извршуваше без легитимитет, а денеска на негово место беше поставен генерал-мајор Методија Величковски.