Министерството за култура ја разреши Маја Чанаќевиќ од функцијата директор на Националната установа Македонска филхармонија – Скопје. За вршител на должноста директор во оваа установа е назначен Виктор Илиески, член на ансамблот на Филхармонијата.
Причините за разрешувањето, според соопштението од Министерството, се повеќе – од немањето годишна програма за работа на установата за последните две години до делењето гратис билети над дозволениот број, при што за свечениот концерт за отворање на новата концертна сала директорката поделила дури 636 од 960 гратис влезници, без прецизна евиденција кому му биле дадени.
Исто така, според Министерството, двајца вработени музичари подолг временски период не доаѓале на работа, а директорката не презела мерки и уште повеќе на едниот од нив за вршење работни задачи што не се во описот на неговото работно место, покрај платата, дополнително му исплатила 550.683 денари.
Директорката не изготвила и решенија за распоредување на вработените на работни места во согласност со новите акти за систематизација и внатрешна организација на работните места, а направила трошок за мобилен телефон над одобрениот максимум. На крајот, ѝ се забележува и тоа што не вовела електронски систем за евиденција на доаѓањето на вработените.
Министерството за култура потсетува дека именувањето в.д. директори се прави со цел што побрзо ослободување на клучните институции кои досега беа заробени од партиски кадри.