Цените на гасот во Европа продолжија да растат откако Германија го одложи процесот на одобрување за контроверзниот руски гасовод Северен тек 2.
Германија на 16 ноември објави дека го суспендира процесот на одобрување бидејќи швајцарскиот конзорциум зад рускиот гасовод треба да формира германска подружница за да обезбеди лиценца за работа. Тоа ги намали надежите дека гасоводот ќе биде оперативен во наредните месеци и ќе ја олесни европската енергетска криза предизвикана од мноштво фактори, вклучително и пониско од очекуваното производство од ветер и зголемената побарувачка со повторното отворање на економиите.
Русија, исто така, беше обвинета за задржување на дополнителните испораки на природен гас за Европа преку постојните гасоводи кои транзитираат во Украина, со цел да изврши притисок врз ЕУ да го забрза процесот на одобрување на Северен тек 2.
Соединетите Држави, Украина и неколку членки на Европската унија се противат на гасоводот Северен тек 2 со образложение дека тој ја загрозува европската енергетска безбедност. Гасоводот, исто така, ќе ја лиши Украина од клучните транзитни такси. Неидентификуван германски извор изјави за Ројтерс дека гасоводот можеби нема да биде пуштен во употреба до март, кога побарувачката за природен гас веќе почнува да се намалува со почетокот на пролетта.
Цените вчера за природен гас скокнаа за речиси 8 насто. Зголемувањето на цените на природниот гас ја поттикнува инфлацијата во Европа и предизвикува страв од прекин на електричната енергија.