Рашковски најави кривични пријави против Русковска и Трајчева

by fokus

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој е обвинет во случајот „Софтвери“, преку својот правен тим до медиумите достави свое обраќање во кое најавува кривични пријави против обвинителките Вилма Русковска и Ивана Трајчева.

Рашковски прашува дали Вилма Русковска сега се обидува да се дистанцира од се што е направено во неговиот предмет и да ја префрли целата вина врз обвинителката Ивана Трајчева.

-Во своето полноќно беседење, суспендираната обвинителка Вилма Русковска ја повика Амбасадата на САД и Канцеларијата на Европската Комисија „да обрнат посебно внимание на предметот со Рашковски“, за да после неколку недели кога е повикана од моја страна како сведок, направи неколку чекори наназад изјавувајќи дека „Не можам да местам нешто што не сум го работела. Колешката Ивана Трајчева ја водеше истрагата. Јас учествував само во пред-истрагата“, посочува Русковска за „А1он“. 

Дали откако „не ѝ упали“ овој очаен обид, сега се дистанцира од сè она кое е направено во овој предмет и ја префрла целата вина врз осомничената обвинителка Ивана Трајчева?

За прв пат се сложувам со ВР. И не само што се сложувам, туку и ќе ми биде особено драго доколку сите претставници на странски институции во државата со кои делиме исти вредности го следат овој случај чијшто императив не е само докажување на злонамерно постапување на обвинителите и невиност на обвинетите, туку поголем е императивот на прогрес на правосудството, пишува Рашковски.

Тој додава дека ако случајот со Финансиската полиција и ОЈО ГОКК беше основа за покренување на кривична постапка против двете обвинителки, тогаш со поднесување на кривичната пријава идната недела и претставките до Советот на јавни обвинители, јавноста ќе види, вели тој, колку поголемо самоволие имало од страна на овие обвинителки пред година и пол.

-Криење на докази, фалсификување докази, ставање на терет на кривични дела за кои се знае дека не се случиле се само мал дел од она за кое ќе бидат поднесени кривични пријави и јавноста ќе биде известена. Сакавте својата неефикасност и непрофесионалност или селективност во борбата против криминалот и корупцијата да ја покриете со овој случај, па дури пред да заспиете на полноќ пишувавте до амбасади да го следат внимателно случајот. 

Кога ја повикувате Европската Унија да го следи случајот, треба да знаете дека во правото на Европската Унија вашето самоволие нема место. Нема место за тоа ВИЕ ДА ОДЛУЧУВАТЕ што е доказ а што не е. Нема место да одлучувате како ќе креирате приказна пред јавноста за да го билдате сопствениот рејтинг, вели Рашковски.

 

Поврзани новости