По информациите дека на една адреса во тетовското село Брвеница има 127 гласачи, пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, Даниела Рангелова излезе лично на терен да ја провери ситуацијата. На посочената адреса навистина ја најде другата Даниела Рангелова, за која „Фокус“ објави дека постои во Избирачкиот список. Неколку медиуми беа присутни на средбата на имењачките, но освен од пратеничката на власта не можеа да земат изјави од жителите. Новинарите на терен пренесуваат за „Фокус“ дека ниту еден од жителите од улицата „Браќа Стефановиќ“ не сакал да зборува пред камерите, но впечатокот бил дека некој претходно како да им наредил така. „Исплашени, веднаш затвораа врата и не сакаа да објаснат како толку голем број куќи се водат под една адреса“- пренесуваат медиумите од терен.
Во изјавата, Рангелова објасни дека постои друга жена со нејзиното име и презиме, а на конкретната адреса имало навистина 127 гласачи, но затоа што десетици куќи се воделе на иста бројка, во случајов нула. Во изјавата Рангелова зборуваше против политичките противници и целата содржина и имаше политичка конотација што е нормално и очекувано во предизборен период, но со тоа како да ја стави во непријатна ситуација домаќинката, нејзината имењачка, затоа што без разлика за кого гласа жената од Брвеница, пратеничката го искористи нејзиниот дом за политичка промоција.
Фокус утрината проверувајќи ги имињата на пратениците на власта на електронскиот избирачки список случајно увиде дека постои и друга Даниела Рангелова. Тоа име не однесе до адреса на која има преку стотина гласачи. Со оглед дека таквата ситуација е во најмала рака нелогична и чудна алармиравме преку порталот. И да е вистина дека десетици куќи се водат на една бројка, сепак тоа не ја менува хаотичната состојба со избирачкиот список кој од ден на ден открива нови фантомски гласачи.