На повеќемина од затворените власта им ветуваше слобода, ама цената за тоа беше да сведочат против мене, да го кажат тоа што власта ќе им го каже да го кажат, пишува Велија Рамковски, сопственикот на А1 телевизија, кој веќе шест години издржува казна затвор во писмо што го објави весникот „Слободен пачат“, јави Плусинфо
Рамковски пишува дека власта при упадот на полицијата во А1 телевизија, во ноември 2010 година, ги одзела сите компјутери и целокупната книговодствена документација, спротивно на законот, без присуство на одговорните лица во фирмата и без нивни потписи.
„Откако видоа дека во оригиналната книговодствена документација нема криминал, мораа да интервенираат во незапечатените компјутери и да креираат копии. Низ целиот судски процес власта приложуваше копии како доказ за сторен криминал. Власта си креираше копии во зависност од нејзините потреби, а нејзината потреба беше затворање на А1 телевизија и затворање на дневните весници „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“. Претпоставувам дека оригиналната книговодствена документација, видена на телевизија во фамозните црни вреќи, власта ја има уништено“, пишува Рамковски.