Обвинителство: МИТ Универзитетот запишувал студенти на факултети без акредитација

by fokus

Откако сопственичката на МИТ универзитетот, Билјана Апостолова, обвини дека полицијата влегла во Универзитетот, поради нејзините јавно упатени критики кон власта, со соопштение се огласија и од Основното јавно обвинителство.

Оттаму велат дека по обезбедена наредба од судија на претходна постапка од надлежниот суд, преку припадници на МВР вршеле претреси на повеќе локации, вклучувајќи и еден Универзитет, а како што велат, со цел прибирање на релевантна документација, податоци и други предмети, кои ќе се користат како докази во кривична постапка.

-Имено, до Државниот просветен инспекторат беа поднесени 20-тина претставки од студенти на Универзитетот, кои потекнуваат од Република Турција. Реакции имало и од Амбасадата на Република Турција во Скопје, а во врска со студирањето на одделни факултети за кои Универзитетот нема добиено акредитација или дозвола за работа од Министерството за образование и наука. Во претресите извршени во координација со Министерството за внатрешни работи, од просториите на Универзитетот и приватни објекти на лица вработени во него одземени се компјутери, компјутерски податоци и друга многубројна релевантна документација, се вели во соопштението на скопското јавно обвинителство.

Од обвинителството откриваат дека првичните сознанија упатуваат на тоа дека на Универзитетот биле запишувани поголем број студенти на факултети за дентална медицина, козметологија и физиотерапија, а било утврдено дека оваа високообразовна институција не поседува дозвола за работа за Факултет за дентална медицина, додека за Факултет за козметологија и физиотерапија нема ниту дозвола, ниту акредитација.

-За студентите кои биле запишувани да студираат на овие факултети во факултетската документација се водела паралелна евиденција – покрај онаа за коресподенција со студентите, друга за отчет пред државните институции. Основното јавно обвинителство – Скопје продолжува со преземање на дејствијата со цел расветлување на овој предмет, каде постојат основи на сомневање дека преку злоупотреба на службена положба и измама е вршен финансиски криминал. Со цел да не се попречи работењето на Универзитетот и правото на студирање на студентите запишани на оние факултети за кои Универзитетот поседува акредитација и дозвола за работа, Обвинителството уште денеска, по преземени неопходни дејствија, ќе ја врати компјутерската опрема во оваа високообразовна институција, велат од обвинителството, од каде што ги отфрлаат сите обвинувања и шпекулации за политички мотиви на своето постапување.

Поврзани новости